Девет лица, меѓу кои две деца, бремена жена и осомничениот напаѓач, се пронајдени мртви по масовно пукање во градот Ири, во американската сојузна држава Пенсилванија, соопштија локалните власти, пренесува Асошиејтед прес (АП).
Шефот на полицијата во Ири, Рик Лора, изјави дека 45-годишниот напаѓач бил во роднинска врска со седум од осумте жртви, додека осмата била пријателка на бремената жена.
Според снимките и аудиодоказите што ги обезбедиле истражителите, две вознемирени жени пристигнале пред куќата во петокот, непосредно пред 17 часот, и почнале да тропаат на вратата. Напаѓачот излегол, пукал во нив, а потоа се вратил во куќата.
Кога полицијата пристигнала, ги пронашла двете жени мртви пред куќата. Внатре биле пронајдени телата на петгодишно момче, едногодишно девојче, уште две жени, двајца млади мажи и напаѓачот.
Лора изјави дека местото на злосторството е едно од најтешките што ги видел во својата кариера.
„Загубата на човечки животи е ужасна, а околностите што ги истражуваме се длабоко вознемирувачки“, рече тој.
Мотивот за нападот засега не е утврден. Истражителите ќе разговараат со други членови на семејството и ќе ги анализираат мобилните телефони на жените убиени пред куќата.
Полицијата пристигнала неколку минути по добивањето сигнал од системот за откривање истрели „ШотСпотер“. Градските власти соопштија дека по пристигнувањето на полицајците немало дополнително пукање, а звуците што можеби биле помешани со истрели потекнувале од шок-бомби употребени при полициската интервенција.
Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, изрази сочувство за загинатите и понуди целосна поддршка од државните власти за градот Ири.
Фото: Depositphotos (илустрација)
Текстот Масакр во Пенсилванија – девет мртви, меѓу нив две деца и бремена жена е превземен од МАКФАКС.





