Портпаролката на Трамп призна дека не го положила правосудниот испит

Портпаролката на Трамп призна дека не го положила правосудниот испит

пред 3 часа

Новата портпаролка на Белата куќа, Кејти Закарија, призна дека не го положила правосудниот испит, а се множат прашањата во врска со нејзините правни квалификации. Во интервју кое се одликуваше со необично критички тон, водителот на „Фокс њуз“ (Fox News), Шон Хенити, вчера ја праша Закарија дали го положила правосудниот испит. Таа одговори дека не го положила, а по дополнителни прашања призна и дека не се обидела повторно да го полага испитот.

Хенити се смета за еден од најблиските и највлијателните сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп. Во својата емисија на „Фокс њуз“, тој редовно ги претставува политиките и потезите на Трамп во позитивно светло. Сепак, неговото интервју со Закарија имаше сосема поинаков тон.

Меѓу другото, тој ја соочи со медиумските наводи дека користела професионална правна титула во околу петнаесет објави на социјалните мрежи, иако нема докази дека поседува лиценца за вршење правна дејност.

Исто така, ја праша зошто веднаш не признала дека не го положила испитот.

Закарија се обиде да ја минимизира важноста на целиот случај, одговарајќи дека веќе знаела оти ќе живее во Кина, поради што резултатот од испитот за неа повеќе не бил важен.

„Веќе бев пријавена за правосудниот испит, а во текот на летото дознав дека ќе живеам во Кина, па резултатите станаа неважни. Сепак излегов на испитот бидејќи не сакав да имам статус на кандидат кој се откажал“, изјави таа.

Закарија има диплома по право од Универзитетот „Пепердин“ (Pepperdine University), а претходно работела во истакната адвокатска канцеларија во Кина. Во нејзината биографија, исто така, е наведена нејзината улога како главен правен советник во една конзервативна организација во Калифорнија. Критичарите и некои правници го оспоруваат нејзиното постојано користење на титулата „адвокат“ и укажуваат на тоа дека нема докази оти таа добила лиценца за вршење правна дејност во САД.

Дел од контроверзијата се однесува на разликата помеѓу термините „attorney“ и „lawyer“. Иако во САД овие термини често се користат наизменично, „attorney“ генерално се однесува на лице кое поседува лиценца за вршење правна дејност, додека „lawyer“ понекогаш се користи за лице кое тукушто дипломирало на правен факултет.

Закарија изјави за „Њујорк тајмс“ дека, пред нејзините телевизиски појавувања, побарала совет за тоа како да се претстави. Добила совет да не го користи терминот „lawyer“, но истовремено ѝ било речено дека титулата „lawyer“ е прифатлива.

Сепак, правниците предупредуваат дека оваа титула може да имплицира и професионална акредитација, што потенцијално би претставувало кршење на законот. Самиот Трамп ја нарече Закарија „адвокат“ кога го објави нејзиното назначување.

Инаку, правна квалификација или лиценца не претставува законски услов за нејзината моментална улога како портпарол на Белата куќа.

 

фото/ЕПА

Текстот Портпаролката на Трамп призна дека не го положила правосудниот испит е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top