Трамп ги одложи санкциите против Русија, расте јазот меѓу Вашингтон и Киев

Трамп ги одложи санкциите против Русија, расте јазот меѓу Вашингтон и Киев

пред 2 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја одложи примената на дел од санкциите, ограничувањата и царините поврзани со Русија, само неколку дена пред тие да стапат во сила врз основа на закон потпишан минатиот месец. Одлуката доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Киев и предизвика критики од американски законодавци, додека европските сојузници изразуваат загриженост за натамошната поддршка на Украина.

Одлуката е објавена преку извршна наредба на Белата куќа и предвидува привремено изземање од мерките што требаше да го зголемат економскиот притисок врз Москва. Во наредбата Трамп наведува дека го известил Конгресот оти ваквото изземање во овој момент е во национален интерес на САД, без дополнително да ги образложи причините.

Изземањето ќе остане во сила сè додека администрацијата на Трамп не процени дека се потребни дополнителни чекори.

Законот предвидуваше царини до 100 проценти за производи од петте најголеми земји увознички на руска сурова нафта и гас. Приходите од продажбата на овие енергенси се еден од изворите за финансирање на руската воена кампања во Украина.

Критики од американските законодавци

Мерките се дел од таканаречениот Греамов закон, именуван по американскиот сенатор Линдзи Греам, кој се залагаше за построга политика кон Русија.

Одлуката на Трамп предизвика остри реакции во Конгресот. Демократската сенаторка Елизабет Ворен ја оцени како неуспех на американското лидерство и го обвини претседателот дека ја поткопува намерата на Конгресот да го зголеми притисокот врз Кремљ.

„Со укинувањето на овие санкции, Трамп им пркоси на насоките на Конгресот да го засили притисокот врз Кремљ и му овозможува на Владимир Путин да ја продолжи агресијата“, изјави Ворен.

Конгресменот Дон Бајер оцени дека потегот е спротивен на целта на законот, кој требаше да ја казни Русија за војната во Украина. Сенаторот Ричард Блументал, еден од авторите на законското решение, изјави дека изземањата не се поврзани со националната безбедност, туку со односот на Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин.

Од друга страна, шефот на рускиот државен инвестициски фонд, Кирил Дмитриев, ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како важен момент за економската соработка меѓу Русија и САД.

Затегнати односи меѓу Трамп и Зеленски

Одложувањето на санкциите е најновиот развој во периодот на зголемени несогласувања меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во Вашингтон и во европските престолнини расте загриженоста дека промените во американската политика би можеле дополнително да ја ослабнат поддршката за Украина во војната што трае повеќе од четири години.

Белата куќа извршила силен притисок врз Киев да ги прекине нападите врз руските нафтени постројки, во обид да се намалат цените на нафтата пред изборите за американскиот Конгрес. Украина првично се согласила, но подоцна продолжила со нападите. Во меѓувреме, Русија во текот на неделата ги интензивираше нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

Трамп минатата недела предизвика реакции кај европските лидери со договор што овозможува извоз на руски дизел. Зеленски изјави дека се чувствува изневерен од овој потег, кој беше критикуван и од демократите и од републиканците во САД.

Американскиот претседател ги поврзува високите цени на горивата со војната меѓу Русија и Украина, додека во исто време се соочува со незадоволство кај дел од американските гласачи поради војната во Иран.

Неизвесност околу разузнавачката соработка и Старлинк

Дополнителна загриженост предизвикуваат информациите за нарушување на размената на разузнавачки податоци меѓу САД и Украина, како и ограничувањата на воената верзија на сателитската интернет-услуга Старлинк, во сопственост на Илон Маск.

Зеленски изјави дека украинската влада не добила навремено предупредување од партнерите пред рускиот балистички напад врз голема електрана во Киев и станбена зграда. Трамп, од своја страна, негираше дека САД ја прекинале размената на разузнавачки информации со Украина.

Ограничувањата на Старлинк, според украинските власти, ги нарушиле операциите со беспилотни летала и системите за рано предупредување, а влијаеле и врз комуникациите, логистиката и извидувањето на украинската армија. Зеленски во петокот изјави дека услугата е подобрена, но дека сè уште не е целосно обновена.

Во интервју за „Њузмакс“, Трамп изјави дека со Зеленски е потешко да се соработува отколку со Путин.

Во меѓувреме, американскиот Си-ен-ен објави дека Украина останала без ракети за американскиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“. Овие ракети се меѓу ретките средства што можат да пресретнат балистички проектили, во услови на продолжени руски напади со ракети и беспилотни летала врз украинската енергетска инфраструктура.

Европа најавува нови санкции против Москва

За разлика од американската администрација, европските лидери најавуваат натамошно заострување на мерките против Русија доколку Путин не ја запре војната.

На самитот во Белгија во петокот, Зеленски ги пофали европските лидери, нарекувајќи ги „вистински лидери“, што беше протолкувано како индиректна критика кон Трамп.

Лидерите на Европската Унија најавија подготовка на 22-от пакет санкции против Русија од почетокот на инвазијата врз Украина. Од Брисел порачаа дека притисокот врз Москва ќе продолжи да се зголемува доколку не дојде до прекин на војната.

Разликите меѓу Вашингтон и европските сојузници околу санкциите, воената поддршка и односот кон Москва дополнително ја усложнуваат меѓународната координација во поддршката на Украина.

Текстот Трамп ги одложи санкциите против Русија, расте јазот меѓу Вашингтон и Киев е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top