Европската комисија денеска го осуди насилството за време на протестите во Тирана и другите градови во Албанија, вклучително и подметнувањето пожари, нападите врз државните институции и уништувањето јавен и приватен имот. Од Брисел порачаа дека одговорните мора да бидат изведени пред правдата.
„Нема место за насилство во демократско општество, а одговорот на него мора да остане во рамките на законот и да биде пропорционален“, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Од Комисијата истакнаа дека сите одговорни за насилните инциденти мора да бидат процесуирани со целосно почитување на законските процедури.
Во соопштението се нагласува дека слободата на собирање и слободата на изразување се основни права и темелни европски вредности што мора да се почитуваат и да се остваруваат на мирен начин.
Европската комисија ја поздрави определбата на албанските власти да го заштитат правото на граѓаните на протест. Истовремено, порача дека во земја кандидат за членство во Европската Унија, која е посветена на пристапниот процес и, според оценката на Комисијата, остварува значителен напредок, незадоволството треба да се решава преку конструктивен дијалог и мирен пат.
Протестите во Албанија, предводени од студенти, започнале поради незадоволството од состојбата во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите.
Демонстрациите потоа прераснале во пошироки антивладини протести, на кои учесниците побарале оставка од премиерот Еди Рама.
Протестите се проследени со насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, напади врз државни институции и приватни објекти, како и палење возила и предизвикување пожари.
На немирите им претходеле повеќемесечни, главно мирни протести против плановите за изградба на луксузно одморалиште на југот на Албанија. Проектот го поддржува Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Текстот Европската комисија го осуди насилството на протестите во Албанија: Одговорните мора да бидат изведени пред правдата е превземен од МАКФАКС.




