„Росатом“ и Индонезија договорија извоз на струја од пловечки нуклеарни електрани, прв ваков проект во светот

„Росатом“ и Индонезија договорија извоз на струја од пловечки нуклеарни електрани, прв ваков проект во светот

пред 2 часа

Русија ќе испорача два пловечки нуклеарни енергетски блока со вкупна моќност од 200 мегавати за снабдување со електрична енергија на северот на индонезискиот остров Халмахера. Проектот ќе се реализира преку приватни инвестиции, без средства од државниот буџет на Индонезија.

Руската државна корпорација „Росатом“ и индонезиската компанија ПТ Пембангкит Листрик Нуклир потпишаа договор за снабдување со електрична енергија на источниот дел на Индонезија со помош на пловечки нуклеарни енергетски блокови. Договорот беше потпишан на маргините на Руската енергетска недела во Москва.

Според „Росатом“, станува збор за првиот извозен проект во светот за испорака на електрична енергија произведена од ваков тип постројки.

Договорот предвидува испорака на два пловечки нуклеарни енергетски блока, означени како ПЕБ-100, со вкупна моќност од 200 мегавати. Тие ќе снабдуваат со електрична енергија потрошувачи во северниот дел на островот Халмахера, во регионот Северно Малуку.

Електраните ќе користат бродски нуклеарни реактори од семејството РИТМ, а првите мегавати електрична енергија се очекува да бидат испорачани пет години по стапувањето во сила на основните услови од договорот.

Проектот ќе се реализира во форматот „бизнис со бизнис“ (B2B), исклучиво преку приватни инвестиции и без учество на средствата од државниот буџет на Индонезија.

Генералниот директор на „Росатом“, Алексеј Лихачов, ја истакна важноста на партнерството за меѓународниот пазар на нуклеарна енергија.

„Соработката меѓу ‘Росатом’ и Индонезија се развива многу динамично. Нашата неодамнешна средба со претседателот Прабово Субијанто потврди дека оваа најголема островска држава доследно се движи кон зајакнување на енергетската безбедност и постигнување јаглеродна неутралност“, изјави Лихачов.

Тој оцени дека договорот претставува важен чекор во таа насока и нагласи дека станува збор за првиот извозен договор во светот за испорака на електрична енергија од пловечки нуклеарен енергетски блок.

Според Лихачов, проектот не се однесува само на испорака на електрична енергија, туку и на воспоставување долгорочно партнерство. Тој додаде дека проектот покажува како приватниот бизнис, со системска поддршка од државата, може да иницира големи инфраструктурни проекти во нуклеарната енергетика.

Генералниот директор на индонезиската компанија ПТ Пембангкит Листрик Нуклир, Јуди Утомо Имарџоко, ја нагласи комерцијалната природа на проектот и неговото значење за енергетската транзиција на земјата.

Тој посочи дека обезбедувањето чиста, сигурна и нискојаглеродна електрична енергија е важно за долгорочниот развој и енергетската безбедност на Индонезија, особено во нејзините источни региони, каде што расте потребата од електрична енергија.

Имарџоко повтори дека проектот ќе се реализира исклучиво на комерцијална основа, преку приватни инвестиции, без користење средства од државниот буџет.

„Росатом“ развива мали модуларни нуклеарни електрани и пловечки енергетски блокови наменети за снабдување со енергија на оддалечени крајбрежни подрачја. Корпорацијата од 2020 година ја експлоатира пловечката нуклеарна централа „Академик Ломоносов“, додека за новите проекти се предвидени реактори од серијата РИТМ, кои се покомпактни и приспособени и за работа во топли климатски услови.

Според информациите наведени во објавата, „Росатом“ има 27 активни градилишта во девет земји, меѓу кои се споменуваат извозниот проект за мала модуларна нуклеарна електрана во Узбекистан и новите пловечки енергетски единици на Чукотка.

Текстот „Росатом“ и Индонезија договорија извоз на струја од пловечки нуклеарни електрани, прв ваков проект во светот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top