(Видео) Украински напад со дронови врз Русија, двајца загинати и 17 повредени, погоден и патнички воз

(Видео) Украински напад со дронови врз Русија, двајца загинати и 17 повредени, погоден и патнички воз

пред 2 часа

Најмалку две лица загинаа, а 17 се повредени во напад со украински дронови врз руската област Воронеж. Во нападот избувнале пожари во повеќе згради, а остатоци од соборените летала погодиле патнички воз, пишува „Еуроњуз“.

Снимките од руските социјални мрежи прикажуваат пламен што избива од станбени блокови и од 25-катниот деловен центар „Галерија Чижова“, додека густ црн чад се издига над соседните населби.

На други видеоснимки се гледаат запалени приватни куќи, оштетена деловна зграда и станбени објекти со искршени прозорци. На еден паркинг горат најмалку десет автомобили.

Жителите пребарувале низ урнатините, каде што пронашле делови од мотори на дронови.

Гувернерот Александар Гусев изјави дека противвоздушната одбрана соборила 113 дронови над областа, од кои повеќе од 70 над самиот град.

Руското Министерство за одбрана тврди дека на територијата на целата земја биле соборени вкупно 290 беспилотни летала.

Остатоците од дроновите предизвикале пожари и во неколку индустриски капацитети, а локалните извори ги споменуваат фабриката за гума „Воронежсинтезкаучук“ и фабриката за авиони ВАСО.

Оштетени се и две викенд-населби, училишно спортско игралиште, гаражна задруга и една станбена зграда.

Од нуклеарната електрана Нововоронеж соопштија дека постројката работи нормално.

Најголем дел од повредените се наоѓале во возот на релацијата Анапа – Москва кога остатоци од дронови паднале во близина на железничката станица Сомово, соопштија Руските железници.

Според нивните информации, повредени се пет патници, од кои двајца потешко. Железничкиот сообраќај низ градот привремено бил прекинат.

Гусев потврди дека во нападите настрадале вкупно три лица.

Киев не се огласи за овие настани.

Независните набљудувачи не можеле да потврдат дали експлозиите во близина на станбените згради биле последица на директни погодоци или на пад на остатоци од соборени дронови, а извештајот на гувернерот не ја појаснува таа разлика.

Во напад врз Воронеж пред три дена бил погоден воениот аеродром „Балтимор“.

Текстот (Видео) Украински напад со дронови врз Русија, двајца загинати и 17 повредени, погоден и патнички воз е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top