Поради хармонизацијата на визната политика со Европската Унија, од 1 ноември, на граѓаните на Русија, Белорусија, Турција, Саудиска Арабија и Кина ќе им бидат потребни визи за влез во Црна Гора.
Според текстот на декретот, граѓаните на голем број земји ќе можат да влегуваат во Црна Гора, да поминуваат низ нејзината територија и да престојуваат до 90 дена без виза, со важечка патна исправа. Меѓу нив се и граѓаните на земјите-членки на Европската Унија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Соединетите Американски Држави, Канада, Обединетото Кралство, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и бројни други земји.
Член 1 предвидува дека граѓаните на споменатите земји „можат да влезат, да ја преминат територијата и да останат во Црна Гора до 90 дена“, без обврска за добивање виза.
Носителите на важечки патни исправи од посебните административни региони на Кина, Хонг Конг и Макао, како и одредени прекуокеански територии на Кралството Холандија и Обединетото Кралство, како и носителите на патни исправи издадени за Тајван, можат да престојуваат без виза до 90 дена, под условите утврдени со декретот.
Влезот е можен и со лична карта
Новата регулатива ја задржува можноста за влез во Црна Гора со важечка лична карта за граѓаните на земјите-членки на Европската Унија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Северна Македонија, Монако, Норвешка, Сан Марино, Србија, Светата Столица и Швајцарија.
Член 2 предвидува дека граѓаните на овие земји „можат да влезат, да ја преминат територијата и да останат во Црна Гора до 30 дена, без виза, со важечка лична карта“, пренесуваат тамошните медиуми.
Во јули, владата одлучи да воведе визен режим за пет земји чии граѓани имале поповолни услови за влез во Црна Гора отколку во земјите од ЕУ од 1 ноември. Министерството за надворешни работи потоа објави дека со овој потег, Црна Гора целосно ја хармонизирала својата визна политика со Унијата и исполнила еден од последните критериуми во Поглавјето 24 од преговорите, кое вклучува правда, слобода и безбедност.
Промената е особено чувствителна за Црна Гора поради нејзиниот туризам, кој е во голема мера зависен од странски гости. Во август оваа година, странците учествувале со повеќе од 91 процент од сите ноќевања во колективни сместувачки капацитети, според податоците од Дирекцијата за статистика на МОНСТАТ.
Русија веќе најави реципрочни мерки. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави кон средината на октомври дека, откако Подгорица ќе воведе визи за руските граѓани, на црногорските граѓани ќе им бидат потребни и визи за патување во Русија. Москва тврди дека оваа одлука ќе го намали бројот на руски туристи и негативно ќе влијае на црногорската економија и инвестиции.
Со години, Црна Гора беше една од ретките европски туристички дестинации каде што руските граѓани можеа да патуваат без виза, а по руската инвазија на Украина во 2022 година, значителен број руски граѓани се преселија во земјата, според написите.
Текстот Хармонизација со ЕУ: oд 1 ноември, нови правила за влез во Црна Гора е превземен од МАКФАКС.





