Неидентификуван маж упаднал во станот на Мариус Борг Хојби (29), син на норвешката кралица Мете-Марит, и физички го нападнал. Хојби успеал сам да го исфрли натрапникот од станот. Инцидентот се случил во текот на ноќта од четврток кон петок, во кралската резиденција Скаугум, во близина на Осло.
Според норвешкото списание „Se og Hør“, неидентификуваниот маж најпрво почнал силно да удира по вратата. Во тој момент, Хојби, кој моментално е во домашен притвор под електронски надзор, бојадисувал и слушал музика. Кога отишол да провери што се случува, мажот веќе бил внатре во станот и го турнал.
Хојби успеал да го истурка напаѓачот надвор од станот и веднаш го известил обезбедувањето. Полицијата набргу го уапсила мажот, но по сослушувањето го пуштила на слобода. Сè уште не е познато зошто тој го нападнал Хојби.
Главната зграда на резиденцијата, каде што во моментот на инцидентот престојувале кралот Хакон и кралицата Мете-Марит, се наоѓа во близина, на само неколку стотици метри од станот на Хојби. Неговиот адвокат, Александар Грејкер, изјави за норвешката новинска агенција NTB дека нападот бил непријатно и застрашувачко искуство за Хојби.
„Тој беше нападнат во сопствениот дом – место каде што би требало да се чувствува безбедно“, рече Грејкер, додавајќи дека неговиот клиент сега е добро.
Ова лето, Хојби беше осуден, со пресуда која сè уште не е правосилна, на четири години затвор за неколку кривични дела, вклучително и две точки за силување. Тој поднесе жалба на пресудата, а жалбената постапка е закажана за февруари 2027 година. Судот, исто така, повторно ќе ги разгледа обвиненијата поврзани со насилство врз поранешна партнерка.
Хојби се наоѓаше во притвор од февруари оваа година; од летото, тој е во домашен притвор со електронски надзор. Неговото неодамнешно барање за укинување на притворот беше одбиено.
фото/ЕПА
Текстот Нападнат синот на норвешката кралица во неговиот стан во Осло е превземен од МАКФАКС.




