Два патнички авиона за малку ќе се судреа над Лос Анџелес: виновни се пилотите на „Ер Франс“

Два патнички авиона за малку ќе се судреа над Лос Анџелес: виновни се пилотите на „Ер Франс“

пред 57 минути

Американските воздухопловни власти истражуваат инцидент што се случи минатиот викенд над Лос Анџелес, кога два патнички авиона се приближија опасно еден до друг, кратко по полетувањето од Меѓународниот аеродром LAX. Настанот се случил на 7 ноември, околу 00:20 часот по локално време, пренесува CBS News.

Неовластено свртување
Според Федералната управа за авијација (FAA), авион на „Ер Франс“ – лет 28 кон Тахити – извршил „неовластено свртување“ веднаш по полетувањето. Со тоа, авионот се нашол на патека што води кон судир со друго летало – лет 1660 на „Американ ерлајнс“ кон Далас – кое полетало истовремено од паралелна писта.

Аудиоснимките од контролата на летање откриваат дека контролорите реагирале итно за да спречат судир. Пилотите на „Ер Франс“ добиле насоки нагло да свртат надесно и да се вратат на својата доделена патека на летање. Во исто време, екипажот на летот на „Американ ерлајнс“ добил наредба да ја намали висината.

Прашања без одговор
Откако опасноста поминала, контролорите во повеќе наврати ги прашувале пилотите на „Ер Франс“ зошто отстапиле од доделената патека; сепак, дури и по речиси 20 минути комуникација, не добиле јасен одговор. „Ми треба одговор. Какви насоки за полетување добивте од контролната кула?“ – може да се слушне како контролорот го прашува францускиот летачки екипаж на снимката.

Контролата на летање го класифицираше инцидентот како „можно отстапување од страна на пилотот“. Досега, ниту „Ер Франс“, ниту „Американ ерлајнс“ немаат дадено коментар за инцидентот.

Текстот Два патнички авиона за малку ќе се судреа над Лос Анџелес: виновни се пилотите на „Ер Франс“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top