(Видео) Трамп: Обама е преценет, лесно би го победил на избори

(Видео) Трамп: Обама е преценет, лесно би го победил на избори

пред 1 час

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека лесно би го победил поранешниот претседател Барак Обама, доколку двајцата повторно би можеле да се кандидираат за Белата куќа. Тој го нарече Обама преценет политичар кој ги поделил Американците, додека за себе тврди дека ги обединува луѓето.

Трамп ова го изјави во интервју за спортскиот коментатор на ESPN, Стивен А. Смит, кој го праша како би поминал против Обама, доколку двајцата би имале право на уште еден претседателски мандат.

Трамп одговори дека на изборите освоил значително повеќе гласови од Обама и тврди дека ги држи рекордите по бројот на освоени гласови во Тексас и Флорида.

„Значи, велите дека би го победиле Обама?“, го праша Смит. „Да, мислам дека лесно би го победил. Да. Лесно. Мислам дека е многу преценет“, одговори Трамп.

Смит реагираше со изненадување на неговата изјава. „О, боже мој. Како тоа Барак Обама е преценет?“ – праша тој.

„Тоа е само мое мислење. Мислам дека е преценет. Не сметам дека бил добар претседател. Мислам дека ги подели луѓето“, рече Трамп.

На прашањето на Смит како тогаш би се опишал себеси, Трамп одговори дека тој е „човек кој ги обединува луѓето“, додавајќи дека успехот на земјата може да ги обедини Американците.

За време на разговорот, тие допреа голем број теми, од поразите на Републиканците на неодамнешните избори за Конгресот, па сè до војната во Иран.

Трамп во повеќе наврати го критикуваше Обама, меѓу другото и за цените на горивото, како и за нуклеарниот договор со Иран, кој го нарече „еден од најглупавите договори што некогаш сум ги видел“.

Ова не е првпат тој да го напаѓа својот претходник. Претходно оваа година, тој го обвини Обама дека направил голема грешка со откривање доверливи информации, кога изјавил дека постојат вонземјани. Сепак, претседателски дуел меѓу Трамп и Обама останува само хипотетичка можност. Според 22-риот амандман на Уставот на САД, никој не може да биде избран за претседател повеќе од двапати. Обама отслужи два мандата, од 2009 до 2017 година, додека вториот мандат на Трамп започна во јануари 2025 година.

Текстот (Видео) Трамп: Обама е преценет, лесно би го победил на избори е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top