Обвинителството во Парагвај ја прошири обвинителната постапка против поранешниот претседател на земјата, Сантијаго Пења, и неколку поранешни високи функционери, додавајќи им обвинение за злосторничко здружување во случајот поврзан со пропаста на дигиталната банка „Уено“.
Меѓу обвинетите се и поранешниот гувернер на Централната банка, Карлос Карваљо, тројца поранешни директори на институцијата и поранешниот шеф на банкарскиот регулатор, објави „Ројтерс“.
Според обвинителството, обвинетите формирале мрежа во која биле вклучени претставници на извршната власт и на Централната банка, со цел да ги штитат интересите на банката „Уено“ и нејзината матична компанија. Во обвинението се наведува дека Пења, користејќи ја претседателската функција, наводно ја предводел оваа група.
Обвинителите тврдат дека поранешниот претседател влијаел врз одлуките на државните институции и компании за да се задржат големи суми јавни пари во банката, иако и самиот имал финансиски врски со неа. Му се става на товар и дека издавал наредби во корист на банката, ги прикривал предупредувањата за нејзината несолвентност и примал незаконски исплати.
Пења и Карваљо ги отфрлаат обвиненијата. Двајцата претходно беа обвинети за злоупотреба на довербата и деловно работење со цел стекнување лична корист, а се наоѓаат во истражен притвор.
Пења на 6 ноември беше сменет од претседателската функција, а на негово место дојде дотогашниот потпретседател Педро Алијана. Постапката за негово отповикување беше покрената непосредно по пропаста на банката „Уено“.
Текстот Парагвајското обвинителство го товари поранешниот претседател Пења за злосторничко здружување по пропаста на банката „Уено“ е превземен од МАКФАКС.






