(Видео) Невиден бран мигранти кон Шпанија: крајбрежната стража спасила 1.488 луѓе од 14 чамци

(Видео) Невиден бран мигранти кон Шпанија: крајбрежната стража спасила 1.488 луѓе од 14 чамци

пред 41 минута

Речиси 1.500 мигранти пристигнале во саботата на шпанските Канарски Острови, што е најголем број во еден ден од 2020 година, објави агенцијата ЕФЕ.

Шпанската крајбрежна стража спасила вкупно 1.488 лица од 14 чамци, со што продолжува бранот пристигнувања од западниот дел на Африка, кој започна во октомври.

Претходниот дневен рекорд изнесувал 1.461 спасен мигрант во водите околу Канарските Острови, соопштија службите за поморско спасување, пренесе Ројтерс.

Еден од чамците вчера превезувал дури 240 лица, меѓу кои 12 жени и 36 деца.

Спасените мигранти биле пренесени на Ел Иеро, еден од најмалите Канарски Острови. Повеќето од нив потекнувале од Сенегал, Гамбија и Гвинеја.

Шпанскиот министер за територијална политика, Анхел Виктор Торес, денеска ќе го посети Ел Иеро за да разговара за наглото зголемување на бројот на пристигнувања.

Атлантската мигрантска рута од Западна Африка до Канарските Острови е една од најсмртоносните во светот. Илјадници луѓе секоја година се обидуваат да ја поминат со преполни чамци, ризикувајќи ги своите животи.

Бројот на пристигнувања обично се зголемува во есенските месеци, кога условите на морето долж оваа рута се помирни и поповолни за преминување.

Сепак, според податоците на шпанската влада, бројот на мигранти пристигнати на Канарските Острови од јануари до 31 октомври е за 5,5 отсто помал во споредба со истиот период минатата година.

Текстот (Видео) Невиден бран мигранти кон Шпанија: крајбрежната стража спасила 1.488 луѓе од 14 чамци е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top