Американскиот носач на авиони „УСС Теодор Рузвелт“ ќе пристигне на Блискиот Исток во следните 24 часа, каде што ќе им се приклучи на уште две американски ударни групи веќе распоредени во регионот. Со неговото пристигнување, САД ќе имаат вкупно три носачи на авиони во оваа област.
Веста во неделата ја објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски воен претставник, кој ја потврдил информацијата. Пентагон и Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ), надлежна за воените операции на Блискиот Исток, засега не го потврдиле официјално точниот термин на пристигнување.
Дополнителното распоредување на американските сили следува по новиот напад со дронови врз Бахреин, втор во само три дена. Со тоа беше прекинато двомесечното затишје во судирите, додека мировните преговори меѓу Вашингтон и Техеран и натаму се блокирани. Во петокот американските сили пресретнале два ирански дрона упатени кон оваа заливска држава.
Дипломатијата во застој, военото присуство се зголемува
Новото заострување на ситуацијата се случува во услови на целосен застој во дипломатските напори и засилено американско воено присуство во регионот. Станува збор за поширокиот конфликт со Иран, кој започна кон крајот на февруари со координирани американско-израелски напади.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна го исклучи потпретседателот Џеј Ди Венс од мировниот процес, а на социјалните мрежи порача дека на Вашингтон повеќе не му е потребен договор со Техеран.
И покрај испраќањето дополнителен носач на авиони, американската војска неодамна ги демантираше пишувањата на израелските медиуми дека се подготвуваат нови операции против Иран. Тврдењата за промени во распоредот на американските сили во регионот ги оцени како „чиста шпекулација“.
Текстот САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток по новите ирански напади врз Бахреин е превземен од МАКФАКС.




