Тејлор Свифт се враќа на кантри сцената: Ќе настапи на CMA наградите по 13 години

Тејлор Свифт се враќа на кантри сцената: Ќе настапи на CMA наградите по 13 години

пред 5 часа

Тејлор Свифт повторно ќе застане на сцената на кантри наградите CMA, 13 години по нејзиниот последен настап на манифестацијата. Светската музичка ѕвезда ќе биде дел од јубилејното 60. издание на церемонијата, што ќе се одржи на 18 ноември во Нешвил, градот каде што започна нејзината кариера.

Веста ја потврдија организаторите од Здружението за кантри музика и телевизијата Еј-би-си. Настапот ќе означи средба на пејачката со публиката на манифестацијата на која ги доби некои од првите големи признанија во кариерата.

Свифт годинава има причина повеќе да биде дел од церемонијата. Нејзината песна „I Knew It, I Knew You“ е номинирана во категоријата за сингл на годината. Тоа е нејзина 26. номинација за CMA награда.

Манифестацијата ќе се одржи во арената „Бриџстоун“ во Нешвил, а водителка ќе биде кантри пејачката Лејни Вилсон. Таа ќе ја води церемонијата трета година по ред.

Од кантри надеж до светска ѕвезда

Тејлор Свифт првпат присуствувала на доделувањето на CMA наградите во 2006 година, кога сè уште го градеше своето име на музичката сцена. Само една година подоцна го доби своето прво признание на манифестацијата – наградата „Хорајзон“, наменета за нови изведувачи.

Во 2009 година ја освои наградата за забавувач на годината, едно од најзначајните признанија на церемонијата. Според организаторите, таа и денес останува најмладата изведувачка што ја освоила таа награда.

Во годините што следуваа, Свифт постепено се оддалечи од кантри звукот со кој ја започна кариерата и изгради публика низ светот со поп-музика. Сепак, нејзините почетоци во Нешвил останаа важен дел од нејзината музичка приказна.

Последен пат на сцената на CMA наградите настапи во 2013 година, кога ја изведе „Red“ заедно со Винс Гил и Алисон Краус. Истата вечер ја доби и наградата „Пинакл“, која ѝ беше врачена од повеќе кантри изведувачи со кои имала заеднички настапи на почетокот од кариерата.

Конкуренција за сингл на годината

Покрај песната на Свифт, за сингл на годината се номинирани „Be Her“ и „Choosin’ Texas“ на Ела Ленгли, „Somewhere Over Laredo“ на Лејни Вилсон и „The Fall“ на Коди Џонсон.

Ела Ленгли годинава ја предводи листата со вкупно девет номинации, додека Миранда Ламберт има седум. Кејси Масгрејвс и Бен Вест се номинирани во по пет категории.

Организаторите засега не објавија која песна Тејлор Свифт ќе ја изведе. Церемонијата ќе се пренесува во живо на Еј-би-си и Дизни плус, а следниот ден ќе биде достапна и на Хулу.

Извор: CMA Awards

Share
Scroll to Top