ПО осумгодишно патување низ вселената, мисијата „БепиКоломбо“ (BepiColombo) стигна до својата цел. Две вселенски летала, дел од заеднички проект на европската и јапонската вселенска агенција, вреден приближно две милијарди долари, успешно влегоа во орбитата околу Меркур.
Европската вселенска агенција (ESA) потврди дека во саботата, на 21 ноември, бил изведен клучен маневар, со што мисијата пристигнала до најмалата планета во нашиот Сончев систем, која е воедно и најблиску до Сонцето.
Вчера, тимот на мисијата пријави помал проблем за време на влегувањето во орбитата. Поради софтверска грешка, погонските мотори работеле пократко од планираното. Од ESA изјавија дека леталата се безбедни, а инженерите во контролниот центар во Германија моментално ја анализираат причината за проблемот.
Мисијата „БепиКоломбо“ се состои од две посебни компоненти: планетарен орбитер на Европската вселенска агенција и јапонски магнетосферски орбитер, наречен „Мио“ (Mio). Леталата моментално се споени во една целина, а нивното раздвојување е закажано за 9 и 10 декември. Потоа, за првпат во историјата, две сонди истовремено ќе го проучуваат Меркур од различни орбити.
As our spacecraft nears Mercury, thrusters are expected to be firing now, and for the next 37 minutes. https://t.co/z7hRbhYTqp
— BepiColombo (@BepiColombo) November 21, 2026
Научните задачи се поделени меѓу леталата. Орбитерот на ESA ќе ја мапира површината и ќе ја истражува внатрешната структура на планетата, додека јапонскиот „Мио“ истовремено ќе го анализира магнетното поле на Меркур и неговата вселенска средина. Научниците очекуваат податоците да фрлат светлина врз неколку мистерии: зошто Меркур има непропорционално големо железно јадро, како се создава неговото магнетно поле и каков е составот на мразот пронајден во поларните кратери кои се постојано во сенка.
Мисијата беше лансирана на 20 октомври 2018 година, од Француска Гвајана. За да забави и да влезе во орбита – спротивставувајќи се на моќното гравитациско привлекување на Сонцето – вселенското летало следеше сложена траекторија која вклучуваше девет гравитациски маневри (т.н. „гравитациски праќки“). Оваа низа опфаќа едно прелетување покрај Земјата, две покрај Венера и шест покрај самиот Меркур. Официјалниот почеток на научната фаза од мисијата се очекува во април 2027 година, по завршните орбитални прилагодувања и верификацијата на сите инструменти.
„БепиКоломбо“ (BepiColombo) е само третата мисија што го посетила Меркур и втората што влегла во негова орбита. Претходно, тоа го имаше постигнато само мисијата „Месинџер“ (MESSENGER) на НАСА, која остана во орбита од 2011 до 2015 година. Првата посета на планетата се случила многу порано, кога сондата „Маринер 10“ (Mariner 10) на НАСА извршила три прелетувања покрај Меркур во 1974 и 1975 година.
Текстот Две вселенски летала стигнаа до Меркур по осумгодишно патување е превземен од МАКФАКС.




