Секоја втора европска фабрика под финансиски притисок, загрозени 3,7 милиони работни места

Секоја втора европска фабрика под финансиски притисок, загрозени 3,7 милиони работни места

пред 30 минути

Европската индустрија сè потешко се справува со конкуренцијата од САД и Кина, а последиците би можеле да погодат милиони работници. Според најновата анализа на консултантската компанија „Мекинзи“ за 2026 година, дури 3,7 милиони работни места во Европа се загрозени, додека секоја втора производствена компанија се соочува со сериозни финансиски проблеми.

Високите цени на енергијата, скапата работна сила и недоволните инвестиции во нови технологии со години ја оптоваруваат европската индустрија. Пред проблемот со конкурентноста уште во 2024 година предупреди и поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, кој повика на значително зголемување на инвестициите за да се намали економскиот јаз со САД и Кина.

Податоците покажуваат дека состојбата постојано се влошува. Во 2024 година, 42 отсто од европските индустриски компании биле под финансиски притисок, лани нивниот удел пораснал на 45 отсто, а годинава достигнал 50 проценти, објави „Јутарњи лист“.

Проблемот е особено сериозен ако се има предвид дека индустријата создава околу 36 отсто од европската додадена вредност, обезбедува 29 отсто од работните места и учествува со повеќе од 45 отсто во вкупните инвестиции во истражување и развој.

Кина инвестира двојно повеќе од Европа

Еден од главните проблеми е продуктивноста. Иако платите во Европската Унија и САД се повисоки отколку во Кина, кинеската индустрија постигнува околу 50 отсто поголема продуктивност од европската.

Дополнителен товар се трошоците за енергија, кои во просек се за повеќе од 50 отсто повисоки во Европа отколку во Кина и САД.

Разликата се гледа и во инвестициите. Кина во 2025 година вложила околу шест билиони долари во производството, додека европските инвестиции изнесувале околу три билиони долари, односно половина од кинеските.

Така европските компании се наоѓаат во маѓепсан круг: пониската продуктивност ги зголемува трошоците и ја намалува заработката, а поскапото финансирање и недостигот од средства ги ограничуваат инвестициите во нови технологии.

„Мекинзи“ предлага шест области за закрепнување

И покрај лошите показатели, експертите на „Мекинзи“ сметаат дека падот на европската индустрија не е неизбежен. Анализирале пет европски компании кои успешно го преструктурирале работењето и постигнале позитивен слободен паричен тек од повеќе од една милијарда евра, тројно зголемување на ЕБИТДА и двојно повисока цена на акциите.

Според нив, компаниите имаат простор за подобрување во неколку области: поефикасно користење на производствената опрема, автоматизација на работните задачи, намалување на непотребните нивоа на управување, подобро управување со трошоците и капиталот, проширување на пазарите и примена на вештачка интелигенција.

Особено голем потенцијал гледаат во намалувањето на трошоците за работна сила. Според анализата, со комбинација од мерки тие би можеле да се намалат за 7,4 до 17,7 отсто, зависно од позицијата на компанијата во производствениот синџир.

Три од анализираните компании успеале да ги намалат трошоците за труд за повеќе од 15 отсто за период од 12 до 18 месеци, без поголеми нарушувања во работењето. Тоа го постигнале преку договори со претставниците на вработените, природно намалување на бројот на работници, прераспределба на работните места и подобра комуникација со менаџментот.

Експертите посочуваат и дека вештачката интелигенција може да помогне во автоматизација на административните задачи, анализа на договорите и откривање можности за намалување на трошоците.

Еден од примерите за промените што ја очекуваат индустријата е автомобилскиот сектор. Според проценките на „Мекинзи“, до 2030 година новите играчи на пазарот би можеле да преземат околу 20 отсто од приходите во сегментот на лесни возила, на сметка на досега етаблираните производители.

Експертите предупредуваат дека европската индустрија има значителен потенцијал за закрепнување, но тоа ќе бара сериозни промени во начинот на кој компаниите произведуваат, инвестираат, управуваат со трошоците и применуваат нови технологии.

Текстот Секоја втора европска фабрика под финансиски притисок, загрозени 3,7 милиони работни места е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top