Божиновска со државниот секретар на Северна Рајна-Вестфалија: Размена на искуства за енергетската трансформација и европската интеграција

Божиновска со државниот секретар на Северна Рајна-Вестфалија: Размена на искуства за енергетската трансформација и европската интеграција

пред 6 часа

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Скопје оствари средба со државниот секретар за Европа и меѓународни прашања и портпарол на покраинската влада на Северна Рајна-Вестфалија, Кристијан Вирмер.

На средбата беа разменети мислења и искуства за актуелните процеси во енергетскиот сектор, со посебен акцент на енергетската безбедност, диверзификацијата на енергетските извори и развојот на модерна и конкурентна енергетска инфраструктура.

Министерката Божиновска говореше за реформите и активностите што ги спроведува Министерството во насока на обезбедување стабилно и сигурно снабдување со енергија, забрзување на енергетската транзиција и усогласување на националната енергетска политика со европските стандарди и политики.

Посебен акцент беше ставен на развојот на гасната инфраструктура и регионалното енергетско поврзување, како и на значењето на инфраструктурните проекти што придонесуваат за поголема отпорност и сигурност на енергетскиот систем.

На средбата беше разговарано и за искуствата на Северна Рајна-Вестфалија во процесот на енергетска трансформација, имајќи предвид дека станува збор за еден од најзначајните европски индустриски региони, кој паралелно со економскиот развој спроведува процеси на декарбонизација и модернизација на енергетскиот сектор.

Во разговорот беше истакнато значењето на размената на знаења, добри практики и искуства, особено во делот на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, модернизацијата на енергетската инфраструктура и создавањето услови за нови инвестиции.

„Европската соработка и размената на искуства со развиените европски региони се важен дел од процесот на модернизација на македонскиот енергетски сектор. За Македонија е од особено значење да ги користи искуствата на европските партнери кои веќе поминуваат низ комплексни процеси на енергетска трансформација“, соопшти Министерството.

На средбата беше оценето дека постојат можности за продлабочување на институционалната соработка и за понатамошна размена на искуства во областите од заеднички интерес, особено во контекст на европската интеграција, енергетската транзиција и зајакнувањето на регионалната енергетска поврзаност.

Текстот Божиновска со државниот секретар на Северна Рајна-Вестфалија: Размена на искуства за енергетската трансформација и европската интеграција е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top