Левица: Буџетот наместо развој, нуди нов циклус на задолжувања и безнадежност

Левица: Буџетот наместо развој, нуди нов циклус на задолжувања и безнадежност

пред 7 часа

Буџетот од 6,7 милијарди евра, најобемен во историјата на Македонија, кој како „развоен и стабилизациски“ документ до Собранието го достави владата на ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ не само што не е развоен, туку е длабоко потрошувачки и ризичен документ кој ја турка државата во нов циклус на задолжување без реален економски раст, велат од Левица.

Според партијата, вака планираниот не стимулира продуктивност и инвестиции и не создава нова вредност. Напротив, велат од Левица, тој ја цементира зависноста од јавната потрошувачка и краткорочните политички ефекти.

„Капиталните инвестиции учествуваат со само 9,7% од вкупните расходи што е алармантно ниско ниво. Тоа значи дека државата троши за тековни потреби, наместо да инвестира во иднината. Со ваков пристап не се гради економија туку се купува социјален мир. Особено загрижува што 31% од приходите се обезбедуваат преку ново задолжување. Тоа значи дека секој трет денар што државата ќе го потроши е позајмен. Дополнително 1,25 милијарди евра се за отплата на стари долгови, што претставува речиси петтина од буџетот. Со други зборови, државата работи за да враќа стари долгови, а во исто време зема нови кредити што директно води кон фискална нестабилност. Само за камати, наредната година треба да се исплатат 346 милиони евра“, велат од Левица.

Од партијата наведуваат дека во структурата на расходите од новиот буџет, јасно се гледа приоритетот на оваа власт – политички опстанок, а не јавен интерес.

„Наместо инвестиции во здравство, образование, социјална сигурност и квалитет на живот, Владата се одлучи да штеди токму на тие сектори кои ја држат државата исправена“, велат од Левица.

Според партијата, дури и правосудството не е поштедено. „Намалување на средствата за судската власт и Јавното обвинителство, за повеќе од 2,2 милиони евра, е уште еден јасен сигнал дека правната држава не е приоритет“, велат од Левица.

Партијата смета дека со ваков буџет, државата не се движи напред туку тапка во место и сè повеќе тоне во долгови, сиромаштија и безнадежност.

Текстот Левица: Буџетот наместо развој, нуди нов циклус на задолжувања и безнадежност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top