Над 115 долари за барел: војната ги турка пазарите кон неизвесност

Над 115 долари за барел: војната ги турка пазарите кон неизвесност

пред 3 часа

Глобалните цени на нафтата нагло пораснаа, додека берзите низ Азија забележаа остар пад, откако војната меѓу САД, Израел и Иран влезе во петтата недела.

Цената на брент нафтата порасна за повеќе од три проценти и надмина 115 долари за барел, додека американската WTI нафта достигна околу 103 долари. Со тоа, брент е на пат да го забележи најголемиот месечен раст во историјата.

Истовремено, азиските пазари ја отворија неделата во минус. Јапонскиот индекс Nikkei 225 падна за околу 4,5 проценти, додека јужнокорејскиот Kospi ослабе за околу четири проценти.

Ситуацијата дополнително се влоши откако во конфликтот се вклучија проиранските Хути од Јемен, кои за време на викендот извршија напади врз Израел. Во исто време, Иран се закани со проширување на одмаздата, вклучително и напади врз цели поврзани со САД и Израел.

Американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги зголеми тензиите со изјава дека САД би можеле „да ја преземат иранската нафта“ и дури да ја преземат контролата врз клучното извозно чвориште островот Харг.

Енергетските пазари се особено погодени бидејќи Иран се заканува со напади врз бродови кои минуваат низ Ормускиот теснец – една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.

Низ овој теснец вообичаено минуваат околу 20 проценти од глобалната енергетска понуда, а нарушувањата веќе доведоа до застој во сообраќајот и дополнителен раст на цените, пренесе Би-Би-Си.

Аналитичарите предупредуваат дека ситуацијата може да стане уште посериозна доколку конфликтот се прошири и на други клучни точки, како што е теснецот Баб ал-Мандеб кај Јемен, низ кој поминуваат дополнителни околу 10 проценти од светската нафта.

Стручњаците проценуваат дека цената на брент нафтата во наредните недели би можела да достигне и 130 долари за барел доколку кризата продолжи.

Растот на цените на енергенсите може да има пошироки последици врз глобалната економија, вклучувајќи инфлација и пад на потрошувачката.

„Најголемиот страв е дека ќе дојде до економско забавување ширум светот, бидејќи потрошувачите ќе трошат сѐ повеќе на енергија и храна“, предупредуваат аналитичарите.

На крајот на февруари, пред ескалацијата на конфликтот, цената на брент нафтата изнесуваше околу 72 долари по барел, што покажува колку кризата за кратко време ги потресе светските пазари.

Фото: Depositphotos

Текстот Над 115 долари за барел: војната ги турка пазарите кон неизвесност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top