Синот на Мијалков должи над 2 милиони евра за данок на добивка и ДДВ, УЈП објави листа на најголеми неплаќачи

Синот на Мијалков должи над 2 милиони евра за данок на добивка и ДДВ, УЈП објави листа на најголеми неплаќачи

пред 12 месеци

Вкупно 1815 компании се најдоа на листата должници на државата за неплатен ДДВ, персоналец, данок на добивка, придонеси од задолжително социјално осигурување, царини и акцизи. Управата за јавни приходи на веб-страницата ја објави листата на должници кои заклучно со 31 октомври не ги намириле долговите доспеани на 31 јули.

Најголем должник е компанијата „Окитна трејд“ од Визбегово со долг од 10,5 милиони евра за ДДВ. Зад неа со долг од 3,5 милиони евра е чешката компанија со руски сопственик „СГСМ Оил гас сервис“, а со долг од 2.3 милиони евра на трето место е Јавното комунално претпријатие Гостивар.

Четврта компанија на листата најголеми неплаќачи со долг од над 2 милиони евра е „Дивелоп груп ДОО“ каде што еден од сопствениците е Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заедно со Александар Ивановски. Компанијата должник е сопственик на хотелот „Мериот“ на Плоштадот Македонија во најстрогиот центар на Скопје. Долгот е за неплатен данок на добивка и ДДВ.

На листата најголеми должници на УЈП и овој пат е Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер Зоран Заев. Компанијата „Фероцем“ во која Трајче Заев се јавува како сопственик заедно со Јанко Јанев е основана во Струмица, но подоцна перименувана во „Абира Плус ДООЕЛ“ со седиште во Куманово должи два милиона евра. Освен ново седиште компанијата доби и нов сопственик и управител, холандски државјанин.

Покрај компании на листата должници има и 3.683 физички лица. Зголемен е бројот и на компании и на физички лица кои должат во споредба со претходно објавената листа на должници. На листата се 32 правни лица повеќе и 54 физички лица повеќе од претходно објавената листа.

Компаниите и граѓаните заедно должат на вкупно 147,4 милиони евра, односно 14 милиони евра повеќе отколку во претходно објавената листа.

Текстот Синот на Мијалков должи над 2 милиони евра за данок на добивка и ДДВ, УЈП објави листа на најголеми неплаќачи е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top