ТИРЗ: претставена првата генерација 32 амбасадори на проектот „Иднината почнува дома“

ТИРЗ: Претставена првата генерација од 32 амбасадори на проектот „Иднината почнува дома“

пред 10 месеци

TИРЗ и Стопанската комора ја претставија првата генерација амбасадори во рамките на проектот „Иднината почнува дома“. 32 млади успешни и инспиративни луѓе од разни сфери беа избрани заедно со пошироката јавност, ТИРЗ и Стопанската комора. Бројката од 32 млади амбасадори на „Иднината почнува дома“ симболизира 32 години од независноста на Македонија, кои преку својот пример придонесуваат за нејзиниот иден раст и развој.

Меѓу амбасадорите на „Иднината почнува дома“ се и актерката Дарја Ризова, деветгодишниот математичар гениј Македон Димитриевски, пијанистот Дино Имери, Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, наставничката Весела Богдановиќ, единствена македонска добитничка на глобалното признанието „50 најдобри едукатори во светот“, олимпиецот Дејан Георгиевски, како и стопанственици, професори, граѓански активисти, културни работници, студенти и ученици.

Во своите пораки претседателот на државата, Стево Пендаровски, и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, истакнаа дека овие луѓе и уште многу како нив треба да го добијат вниманието на јавноста како пример на идни лидери што ќе ја движат државата напред.

„Политичките лидери креираат рамка, но овие луѓе ја движат државата напред. На младите квалитетни луѓе треба да им се даде видливост. Ни требаат лидери во дигиталната сфера, луѓе што се борат за човекови права, за лицата со посебни потреби, за здрава животна средина… Во една пригода кажав и сега ќе повторам, најголемата закана за земјата е демографијата, иселувањето на младите. Имаме паметни деца, тие мора да влечат напред“, истакна претседателот Пендаровски и додаде:

„Имаме супер квалитетни луѓе, на кои мора да им даваме видливост, а и сите треба да учиме од нив. Треба со наш памет да ја туркаме државата напред. Младите стојат зад секоја општествена промена. Ние повозрасните може да помагаме со сугестии, но тие влечат напред“, истакна Пендаровски.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, посочи дека ова е само прва фаза на проектот и најави продолжување со конкретни иницијативи за младите. Тој додаде и дека кога станува збор за иднината на државата, а особено за младите квалитетни луѓе, матрицата мора да биде натпартиска.

Текстот ТИРЗ: Претставена првата генерација од 32 амбасадори на проектот „Иднината почнува дома“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top