Ковачевски од Саемот за вино во Белград: Ја зајакнуваме регионалната соработка и отвораме нови пазари за развој на државните економии

Ковачевски од Саемот за вино во Белград: Ја зајакнуваме регионалната соработка и отвораме нови пазари за развој на државните економии

пред 6 месеци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на вториот меѓународен Саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, што се одржува во Белград, како дел од иницијативата Отворен Балкан.

„Годинава повторно преку овој саем на вино можеме да потврдиме дека создаваме силни врски што значаат нов стимул на нашите економии“, оцени премиерот Ковачевски.

На Саемот на вино, годинава има над 600 изложувачи од бројни винарии, дестилерии, гастрономски компании.

„Преку иницијативата Отворен Балкан се случува и заедничкото претставување и промоција на македонскиот и балканскиот вински и туристички квалитет. Ги отовараме патиштата на државните компании кон меѓународно винско и гастрономско поднебје“, порача премиерот Ковачевски.

„Со организацијата и учеството на вакви саеми даваме значаен придонес кон процесите на создавање единствен пазар меѓу земјите од Западен Балкан, а со тоа полесна можност за приклучување кон европскиот пазар“, нагласи премиерот.

Македонските, српските, албанските, црногорските винарии, како што додаде премиерот се рамо до рамо со светските врвни производители, што овозможува вмрежување и отварање нови пазари.

„Преку оваа иницијатива ја покажуваме функционалната соработка меѓу стопанските комори, ја покажавме соработката меѓу нашите држави, ја покажавме соработката меѓу нашите граѓани и компании. И заедно направивме подобар резултат. Винските патишта на нашите држави стануваат светска дестинација“, констатираше премиерот Ковачевски.

„На овој начин градиме добрососедски односи и доверба како пријателски држави, но и заеднички чекориме по европскиот пат. И тоа го направивме сами, без некој друг да дојде да ни каже како да го направиме и на кој начин да го направиме“, рече премиерот.

Отворен Балкан, од којшто е дел и саемот во Белград, како што констатираше премиерот Ковачевски, има видливи резултати што ги препознаваат граѓаните и компаниите. Овозможено е на граничните премини да функционираат зелени ленти за брз проток на транспортните камиони од трите земји. Во функција е и заедничкиот систем за електронска наплата на патарини без застанување. Се реализираа повеќе соработки во областа на туризмот и културата. А, следува и отстранување на работните дозволи меѓу државите членки.

„Преку иницијативата Отворен Балкан имаме видливи резултати кои се гледаат преку бројки, за 25% ја зголемивме размената и трговијата помеѓу Северна Македонија, Албанија и Србија. Размената со Србија надмина 1.1 милијарда евра што е најголемо ниво во последните 17 години меѓу двете држави. Само минатата година размената со Албанија е зголемена за 40 проценти, со Србија е зголемена за 50 проценти. Преку зголемувањето на соработката имаат бенефит и компаниите и граѓаните и државите и целото опкружување“, рече премиерот Ковачевски, оценувајки дека со здружени сили, државите покажуваат дека се вистински партнери за развој на економиите и за зацврстување на економската соработка во регионот.

Текстот Ковачевски од Саемот за вино во Белград: Ја зајакнуваме регионалната соработка и отвораме нови пазари за развој на државните економии е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top