Бачовски : На располагање нови средства за набавен педигриран добиток

пред 3 години

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира сите фармери кои во период од септември до декември 2020 година набавиле педигрирани кози и овци ќе може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка за набавениот добиток.

Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, информира дека станува збор за Мерката 121 „Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства а корисници на оваа мерка можат да бидат  сите кои набавиле стока од признати организации согласно Законот за сточарство и имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.

„Максималната финансиска поддршка за оваа мерка е до 6.500.000 денари  прифатливи трошоци по поединечен корисник. Поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции“, информира директорот Бачовски.

Toj додадава и дека ставката за ко-финансирање се зголемува во случаите кога:се работи за инвестиции на земјоделско стопанство чиј носител е млад земјоделец до 55%, за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство до 60%, за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец 65% и за инвестиции во недостапни рурални заедници 75%.
 
Барањата се поднесуваат електронски со регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk.Барателите на финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за исплата со бараните податоци и да прикачат задолжителни електронски документи (фактури, детални испратници за испорачаниот добиток, уредно заверени, Решение за запишување на земјоделско стопанство во ЕРЗС при МЗШВ не постаро од три месеци од денот на објавување на јавниот повик, налог за плаќање ПП30 со извод за плаќање, образец на Договор уредно заверен со потпис и печат и други) Електронски пополнетото барање за исплата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година, уредно заверено со потпис и печат од барателот, заедно со целокупната потребна документација оригинал се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“ Барање за исплата и Архивски број на Барањето (0121-12125-XXXX/1). Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата..
 
Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за користење на поддршка по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој.
Барањата со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Барањата кои не поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.
 
Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и финансиските обврски кон Јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и воден надоместок кон водостопанските претпријатија.Крајниот рок за доставување на барање за финансиска поддршка е 28 февруари 2021  година.

Share
Scroll to Top