Бесими очекува забрзан економски раст догодина

Бесими очекува забрзан економски раст догодина

пред 12 месеци

Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата редовна викенд колумна пишува дека во 2024 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 3,4%, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка.

„Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4%, главно како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите државни инфраструктурни проекти (Коридорите 8 и 10, автопатот и железницата, преносната мрежа за гасификација и др.), заедно со мерките за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст. Државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата, преку обезбедување на алтернативни извори и инструменти за финансирање, како и најавените инвестиции за проширување и изградба на нови капацитети во технолошко-индустриските развојни зони се очекува да придонесе кон раст на приватните инвестиции, а исто така пристапниот процес кон ЕУ, ќе ги зајакне реформските процеси во земјата и ќе обезбеди зголемена поддршка за инвестиции. Дополнителен потстрек за раст на инвестициите ќе обезбеди зелената агенда. Позитивен придонес кон растот ќе има и приватната потрошувачка при намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Закрепнување на економската активност кај нашите најголеми трговски партнери и на глобалните синџири на производство ќе придонесат кон динамизирање на надворешно-трговската размена и раст на извозната активност на домашните компании. Стапката на инфлацијата во 2024 година се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6% во услови на одржување на стабилно ниво на цени на енергенси и храна на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација. Позитивните движења на пазарот на труд се очекува да продолжат во 2024 година, со раст на бројот на вработени за 2% и раст на просечната нето-плата за 8,4% на номинална, односно 4,8% на реална основа“, пишува, меѓу другото, Бесими.

Текстот Бесими очекува забрзан економски раст догодина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top