(Видео) Филипче: Македонија е на дното, 41 место во Европа – ММФ ги разби бајките на Мицкоски за трета економија

(Видео) Филипче: Македонија е на дното, 41 место во Европа – ММФ ги разби бајките на Мицкоски за трета економија

пред 4 часа

Македонија е на 41. место меѓу 48 европски економии според проектираниот бруто-домашен производ (БДП) по жител, а проценката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е дека тој ќе изнесува 11.700 долари, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој посочи дека во регионот пред Македонија се Србија, Црна Гора и Албанија, оценувајќи дека податоците на ММФ ја покажуваат реалната состојба на македонската економија, спротивна на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски за економските резултати на земјата.

„Ова е реалната состојба на македонската економија. Не бајките на Христијан Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите. Граѓаните оваа реалност многу добро ја знаат и ја чувствуваат секој ден“, изјави Филипче.

Како главни проблеми ги посочи високите цени и недоволниот раст на платите, наведувајќи дека трошоците за живот стануваат сè поголем товар за домаќинствата.

„Цените се пораснати до плафон, а платите стагнираат. Кошничката е 90.000 денари и ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци“, рече претседателот на СДСМ.

Филипче обвини дека во изминатите две години земјата се задолжила со нови четири милијарди евра, а како дополнителни проблеми ги посочи најавеното поскапување на електричната енергија и парното греење, како и отсуството на зголемување на минималната плата.

„Пари во буџетот нема, пари за граѓаните нема, но знаеме каде има – кај Мицкоски и неговата банда“, рече Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Филипче покажал непознавање на основните економски работи, односно не знаел дека треба да се гледаат сите економски параметри, а не поединечно.

„Но, тоа е. Ни дава шанса да му објасниме. Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ води пробизнис и проекономска политика, а за тоа доказ се податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Што велат овие меѓународни институции? Македонија има највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ во регионот и најниска инфлација. Инфлацијата во Македонија е за 25 проценти пониска од европскиот просек, додека економскиот раст во вториот квартал годинава достигнал 4,3 проценти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата, владејачката партија се осврнува и на задолжувањето, тврдејќи дека Владата се соочува со финансиски обврски наследени од претходната власт предводена од СДСМ.

„Во 2027 година ќе треба да се рефинансираат или да се вратат заеми во вредност од 2,3 милијарди евра, додека за 2028 година се предвидени обврски од 2,7 милијарди евра. Бројките јасно зборуваат дека ова е значителен финансиски товар кој е наследен. И покрај се Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се справува со предизвиците и продолжува да ги исполнува обврските и реформите. Се работи на одржување и подобрување на економските показатели и покрај меѓународните кризи и покрај наследените проблеми. Затоа кога Филипче нешто не знае подобро нека молчи“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Текстот (Видео) Филипче: Македонија е на дното, 41 место во Европа – ММФ ги разби бајките на Мицкоски за трета економија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top