(Видео) Јованчев: ЕЛЕМ го испразни ХЕЦ Тиквеш

пред 3 години

ЕЛЕМ го испразни ХЕЦ Тиквеш, нивото на водата е доведено на мининум, под знак прашалник е и сезоната за наводнување, обвини Зоранчо Јованчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со месеци на езерото речиси и да не дошол човек од страна. Сопствениците на викендиците секојдневно ми се јавуваат и реагираат поради тоа што некои не можат да пристапат до нив. И сето тоа само поради неспособноста на менаџерите на електрани на Македонија кои поради тоа што не можат да обезбедат доволно електрична енергија за граѓаните на Македонија секојдневно ја користат акумулацијата Тиквеш за да ја надокнади дневната потрошувачка и на тој начин го празнат езерото“, рече тој.

Но, додаде Јованчев, она што посебно не загрижува жителите на општините Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман и Градско е тоа што во прашање е доведена поливната сезона која треба да започне за 20 дена.

„Осум до десет илјади хектари се под опасност поради немање на доволно вода. Во овој момент нивото на езерото е на три метра под долниот праг на тунелот низ кој протекува водата за наводнување, а кој што се гледа на сликите како е далеку од нивото на водата, или да бидам поточен за да почне поливната сезона нивото на езерото за помалку од дваесет дена потребно е да се покачи најмалку 7 метри. Дали на овој начин владата на Заев преку ЕЛЕМ сака да ги уништи земјоделците“, праша тој.

Јованчев апелира ЕЛЕМ веднаш да го сопре производството на електрична енергија од акумулацијата Тиквеш и во Црна река да пушта само одредена количина на вода потребна за биолошки минимум.

Share
Scroll to Top