Доделени наградите од Конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето

пред 1 час

Во Народната банка се одржа традиционалната свеченост по повод доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовна и литературна творба за основните и средните училишта, којшто Народната банка го организира во соработка со Министерството за финансии по повод Светскиот ден на штедењето. На настанот се обрати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Гувернерот Славески, во своето обраќање, ги истакна посветеноста, знаењето и креативноста на младите генерации, нагласувајќи дека пристигнатите трудови ја потврдуваат значајната улога на финансиската едукација во градењето свесни, одговорни и финансиски писмени млади луѓе.

„Штедењето не е само собирање средства. Тоа е филозофија на животот којашто ни овозможува да ги исполнуваме нашите желби, да обезбедиме сигурност за нашата иднина, но и да ги градиме стабилноста и благосостојбата на целото општество. Денес, овој пристап добива уште поголема важност, бидејќи живееме во време на брзи промени, дигитализација и нови финансиски предизвици и можности“, истакна гувернерот.

Заменик-министерот Јанкуловски поздравувајќи ги учесниците рече дека младите покажуват дека секое мало штедење може да биде почеток на голема цел.

„Вие сте пример дека знаењето, вложениот труд и желбата да се мисли за иднината се вредности кои го движат општеството напред. Овој ден нека биде поттик да продолжиме сите заедно – ученици, наставници, родители и институции – да ја негуваме финансиската писменост, да развиваме здрави навики и да создаваме генерации кои ќе знаат да донесуваат мудри одлуки“, посочи Јанкуловски.

Оваа година на Конкурсот пристигнаа неколку стотици трудови од ученици од основното и средното образование на теми посветени на важноста на штедењето, финансиската писменост и улогата на финансиските услуги во современата дигитална ера. Основците твореа на темата „Да штедиме за нашите желби, да штедиме за нашата иднина“, а средношколците на темата „Штедењето, парите и финансиските услуги во современата дигитална ера“.

Конкурсот, којшто се објавува од 2012 година, прерасна во значајна платформа за поттикнување на младите да размислуваат за финансиските концепти, штедењето и одговорното управување со средствата. Низ литературните творби, ликовните цртежи и есеите, учениците ги претставија своите погледи, знаења и лични цели.

Текстот Доделени наградите од Конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top