Народната банка, денес, 7 октомври, одбележува една година од оперативното приклучување на нашата земја кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА. Според Народната банка,тоа претставува историски чекор кон модернизација и европска интеграција на домашниот платен систем, со конкретни и видливи придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата, но и за економијата во целина.
Клучната придобивка на пристапувањето кон СЕПА е унапредувањето на прекуграничните плаќања во евра со 40 нејзини земји членки, овозможувајќи им на граѓаните и на бизнис-заедницата побрзо, поедноставно и значително поевтино извршување на плаќањата, под услови споредливи со оние во Европската Унија.
„Се проценува дека како резултат на интеграцијата во СЕПА, досега се остварени заштеди од над 5 милиони евра. Имено, заклучно со септември 2026 година се остварени повеќе од 581 илјада трансакции преку СЕПА, чијашто вкупна вредност достигнува околу 11 милијарди евра. Надоместоците за плаќањата преку СЕПА се намалени и до шестпати за граѓаните и до деветпати за компаниите, споредено со моделот на кореспондентно банкарство. Се очекува овие заштеди да растат како што напредува преминот кон каналот СЕПА, што создава можности за нови инвестиции кај компаниите, особено во рамките на малите и на средните претпријатија и обезбедува директна поддршка на расположливиот доход на домаќинствата“,соопшти Народната банка.
Од таму велат дека за помалку од една година од пристапувањето, СЕПА прераснала во водечки канал за извршување и прием на прекуграничните плаќања во евра достапен преку секоја домашна банка.
Податоците покажуваат дека заклучно со септември 2026 година, учеството на трансакциите преку СЕПА во вкупниот број прекугранични трансакции за прилив и одлив во евра достигна 69%. Речиси подеднакво е учеството кај прекуграничните трансакции и за одлив (67%) и за прилив (70%), што укажува на тоа дека граѓаните и компаниите сѐ почесто ја користат СЕПА и за испраќање во и за прием на средства од странство.
„Важноста на инфраструктурата на СЕПА се потврдува и според вредноста на трансакциите, при што заклучно со септември 2026 година, преку СЕПА се обработени повеќе од половина од вредноста на прекуграничните трансакции во евра за прилив и над 70% од вредноста на оние за одлив“, велат од Народната банка.
Во однос на структурата на корисниците, и граѓаните и компаниите сѐ почесто ги користат плаќањата преку СЕПА, при што електронските канали имаат позначајно учество, што придонесува кон дигитализација на плаќањата и намалување на употребата на готовината во секојдневието. Имено, 70% од електронските трансакции за прилив и 80% од оние за одлив на физичките лица се извршени преку СЕПА, додека кај компаниите, трансакциите преку СЕПА учествуваат со 70%, односно 65%, во електронските трансакции за прилив и одлив.
„СЕПА не носи придобивки само преку поефикасни и подостапни прекугранични плаќања, туку создава и долгорочни развојни можности за економијата преку иновации, дигитална трансформација, зголемена конкурентност и поширока финансиска вклученост. Позитивното влијание од СЕПА се очекува да се засили во следниот период“, велат од Народната банка.
Текстот Една година во СЕПА: над 5 милиони евра заштеди за граѓаните и компаниите е превземен од МАКФАКС.





