Заев: Далекуводот Неокази-Пробиштип носи бројни придобивки за граѓаните

пред 4 години

Премиерот, Зоран Заев, го означи стартот на работа на далекуводот Неокази – Пробиштип, и заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева ја истакнаа важноста на оваа успешно завршена инфраструктурна инвестиција. Премиерот Заев истакна дека со денешното пуштање во работа на втората делница на далекуводната врска меѓу трафостаниците Неокази и Пробиштип, која е дел од новоизградениот 110 kV далекувод, на дело се покажува дека се реализираат ветените развојни проекти. „Денешната посета има за цел да ја потенцира нашата заложба за инвестиции во енергетската инфраструктура кои на долг рок значат подобрување на животниот стандард. Со реализација на овој проект, ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали на овој регион. Оваа инвестиција, ќе донесе бројни придобивки како за населението, така и за реалниот сектор. Новата и модернизирана дистрибутивна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението од источниот дел на земјата“, изјави премиерот Заев и додаде дека со оваа капитална инвестиција, во вредност од 2,45 милиони евра, создадени се услови за целосна енергетска функционалност на индустриската зона Неокази, во која веќе има еден голем инвеститор од метало-преработувачката индустрија. Министерот Бочварски посочи дека инвестициите во електро-преносниот систем се од клучно значење за севкупниот стопански развој на државата, со цел Владата да стимулира економски раст и одржување на стабилност во енергетскиот сектор. Директорката Шуклева рече дека oд енергетски аспект, АД МЕПСО со новата инвестиција ги сведува на минимум трошоците за одржување на опремата и што е поважно – ризиците од испади во електропреносната мрежа. „Новата опрема за управување во трафостаницата Неокази овозможува локално и далечинско командување. Инсталиран е локален SCADA систем кој освен што овозможува командување од командно-контролниот пункт во трафостаницата, овозможува и далечински надзор и управување во реално време со трафостаницата од Националниот диспечерски центар во Скопје. Во оваа трафостаница се инсталирани и ставени во функција и нови системи за мерење на електричната енергија, систем за релејна заштита, како и нов систем за сопствено напојување со кој се обезбедува непрекинато напојување на опремата со цел истата да се управува и во услови на безнапонска состојба“, изјави Шуклева.

Share
Scroll to Top