Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 6.041 лозари исплати над 151 милиони денари. Станува збор за исплата на 2 денари за килограм предадено грозје во регистрирани капацитети за вино за сортите Смедеревка, Вранец, Бургундец црн, Станушина, Картошија, Жилавка и Кадарка.
Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, вели дека земјоделците се партнери на Агенцијата, токму затоа средствата се исплаќаат во ек на берба.
„Сите кои правно – законски се стекнале со право на користење за финансиска поддршка, во еден ден, без селекција ги добиваат средствата. Праксата за неселективна исплата на земјоделските субвенции продолжува. Парите од финансиската поддршка се исплаќаат во време кога овие производители имаат потреба од свеж капитал за прибирање на новата реколта, подготовка на насадите за следната сезона и употреба на сите агротехнички заштитни мерки за насадите“, истакна Бачовски.