Неопходни се одлучни чекори, јасна институционална поддршка и соработка помеѓу сите засегнати страни и партнери во процесот, како и искористување на искуствата на земјите од регионот, за да се овозможи натамошен развој на сметководствената дејност и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.
Ова се дел од препораките на учесниците на регионалната конференција посветена на трендовите, предизвиците, стандардите и перспективите на сметководството во регионот, која во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) за првпат се одржува во нашата земја.
„Главната цел на ИСОС е да постави нови повисоки стандарди во струката кои ќе гарантираат висок степен на интегритет и професионализам, ќе го зголемат угледот и позицијата на сметководството и сметководителите, како и нивната улога и важност, не само за бизнисот, туку воопшто за целото општество. За да го постигнеме тоа треба посветено да работиме и заеднички да ги поставиме темелите на развојот за следните генерации, кои во оваа дејност ќе гледаат атрактивна и просперитетна професија. Оваа конференција секако е еден од чекорите кон остварување на оваа цел“, рече претседателката на ИСОС Весна Прентоска во своето обраќање на отворањето на конференцијата.
На настанот што се одвива под мотото „Во бројките веруваме”, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.
„За краток временски период од почетокот на примената на новиот Закон за вршење на сметководствени работи постигнат е значителен прогрес во неговата примена. Завршен е официјалниот превод на Меѓународните стандарди за финансиско известување – процес кој неоправдано бил одолговлекуван во минатото. Следува периодот кога овие стандарди треба да почнат да се применуваат и во нашата земја, што ќе донесе значајни придобивки за домашните компании и државата. Воедно, нивната имплементација претставува и значаен исчекор кон отпочнување на постапката за членство во Меѓународната федерација на сметководители, процес кој Министерството за финансии силно го поддржува“, потенцираше во своето воведно обраќање министерот за финансии Фатмир Бесими.
Поздравувајќи го одржувањето на оваа прва регионална конференција на професионалните сметководители во нашата земја, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија Горан Рафајловски, истакна: „Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство, кое работи по меѓународни стандарди, се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата, која добива алатка за поефикасна наплата на даноците. Ваквите придобивки се доволен мотив да го забрзаме процесот на воведување на најсовремените стандарди и практики во оваа дејност“.
Дискусиите во рамки на конференцијата се организирани во три панели. Првата панел-дискусија беше посветена на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), како една од главните стратешки цели на ИСОС. „Приклучувањето кон IFAC им дава до знаење на организациите од јавниот и приватниот сектор на локално, регионално и меѓународно ниво дека вашиот Институт на професионални сметководители има кредибилитет, капацитет и релевантност – и фокус кон јавниот интерес.
Членовите на IFAC се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој. Исполнувањето на овие барања на патот кон аплицирање за членство во IFAC покажува дека меѓународните образовни, етички и сметководствени стандарди постојано се применуваат овде во Северна Македонија. Ова е причината зошто приклучувањето кон IFAC е повеќегодишен процес којшто се состои од повеќе чекори и вклучува повеќе засегнати страни“, рече претставничката на IFAC Јелена Мисита, претседател на советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во IFAC.
Во вториот конференциски панел, претставниците на организациите на професионалните сметководители од регионот дискутираа за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во нивните земји. Во рамки на третиот панел, претставници на деловната заедница, сметководители и домашни и меѓународни експерти од областа планирано е да дебатираат за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија.
Инаку, собирот во Скопје беше искористен и да се поттикне поголема соработка помеѓу организациите на сметководителите во регионот, при што беше договорено во наредниот период да се заокружи процесот на формализирање на рамката за меѓусебна соработка во делот на размена на најдобри практики и искуства, како и во реализацијата на заеднички проекти за континуирана едукација на професионалните сметководители.
Текстот Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството е превземен од МАКФАКС.