Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ги додели 133-те договори, со вкупна вредност од над 1,2 милион евра, поддршка во набавка на опрема за производство на малите производители на храна од неживотинско потекло.
Преку овие договори се поддржуваат развојот и модернизацијата на разни традиционални производства. Опрема за производство на маџун, разни слатка и мармалад, ладно цедено масло од сончоглед, производство на јаболков оцет, путер од бадем, ајвар, сокови од калинка, јаболка, рибизла, потоа набавка на соларни сушници и машини за пакување и мелница за производство на брашно, се само дел од инвестициите за кои се дава поддршка.
„Минатата година дадовме збор пред земјоделците дека оваа 2023 година ќе биде година на нови можности во земјоделството. Тој наш збор го исполнивме. Оваа година креираме повеќе нови програми, во кои главен фокус за поддршка ни беа малите производители на храна и пијалаци“, истакна во своето обраќање министерот Николовски.
Креирана е нова програма за поддршка на малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло, а програмата за поддршка на малите семејни винарници ја надградивме со поддршка и за малите дестилерници. Преку овие програми, вели Николовски, обезбедуваме грант-поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство и ангажирање стручно лице како поддршка за малите производители на храна и малите семејни винарници, како и грант-поддршка до 5.000 евра за малите дестилерници.
Додаде дека интересот за овие мерки, иако нови, беше голем кај земјоделците. Ваквиот голем интерес ги надмина и нашите најоптимистички очекувања како министерство. Во таа наосока, покрај обезбедените 70 милиони денари, Министерството со ребалансот на буџетот за 2023 година обезбеди нови дополнителни 120 милиони денари, преку кои можеме да дадеме поддршка на сите мали производители, кои ги исполнуваа условите од јавните повици.
„Кога почнавме со креирање на овие програми за поддршка на малите производители на храна и пијалаци, пред нас си поставивме една цел, а тоа беше да се обидеме преку оваа поддршка во следните две-три години да достигнеме до бројката од 2.000 регистрирани мали производители на храна. Во оваа наша цел, заедно со земјоделците, успеавме уште во првата година. Денес имаме вкупно 2.508 регистирани оператори со храна од животинско и неживотнско потекло во Агенцијата за храна и ветеринарство. Или само во оваа година имаме нови 1.540 регистрирани опрератори со храна од животинско потекло и 420 нови регистрирани опрератори од неживотинско потекло“, истакна министерот Николовски.
Текстот Николовски: Даваме рекордна поддршка за малите производители на храна вредна 1,2 милион евра поддржувајќи го развојот на 133 мали производители е превземен од МАКФАКС.