„Пејпер Мил“: Ги задржуваме вработените, се надеваме на рестартирање на процесите

пред 3 години

Фабриката „Пејпер Мил“ од Кочани информира дека во наредните два месеци сите 120 вработени ќе добиваат 70% од платата и редовно ќе им бидат плаќани придонеси за целиот период додека не одат на работа, заради привремениот прекин на работењето на фабриката. Од компанијата денес ги информирале вработените и за можноста за рестартирање на фабриката во април оваа година, кога тие повторно би се вратиле на редовна работа.

Минатата недела управата на „Пејпер Мил“ донесе одлука да го прекине производствениот процес на неопределено време, по решението на Инспекторатот за животна средина со кое на фабриката ѝ беше наложено користење на метан како единствен енергенс.

„Беше исклучително важно да го решиме статусот на вработените. Тие не доаѓаат на работа, а до сега исплаќавме цела плата. Искрено се надеваме дека ќе ги рестартираме процесите на рециклажа на хартија и производство и сакаме, и важно ни е да ги задржиме овие луѓе. Успеавме и во текот на целата ковид криза да не отпуштиме вработени, а од друга страна во нашите развојни планови предвидуваме и зголемување на човечките ресурси во фабриката за 30 проценти. Очекуваме соработка со сите чинители, со цел што поскоро да продолжиме со работа“, изјави Јулијан Даскалов, генерален директор на „Пејпер Мил“ од Кочани.

Државниот инспекторат за животна средина ѝ нареди на фабриката да работи на плин, поради надминување на емисиите од оџакот, кои беа направени на 30 декември минатата година. Од ДИЖС тогаш посочија дека „инсталацијата ќе работи на плин сѐ додека не се постигнат законски утврдените гранични вредности“.

Надминување на дозволените вредности беше констатирано и преку вонредниот надзор кој ДИЖС го направи на 4 ноември лани, како и преку двете мерења на емисиите на оџите на кочанската фабрика на 13 ноември и 2 декември лани.

Share
Scroll to Top