Презентирана дигитална алатка за кариерно насочување

пред 3 години

Голем број од младите луѓе во државава се генерално незадоволни од нивната моментална кариера. Многумина од нив се во потрага по втора шанса, за подобар кариерен избор преку различни форми на формално и неформално образование. Ова е проблем и на глобално ниво, а како еден од главните фактори во сите истражувања е наведено недоволно посветеното време при избор на кариерата. Сето ова беше претставено на денешната презентација на Бреинстер на новата дигитална алатка за кариерно насочување развиена од компанијата.

– Во разговорите со голем број млади луѓе кои доаѓаат на нашите обуки за дигитални вештини, а кои нудат кариерна преквалификација во период од 6 до 12 месеци, многу често се соочуваме со проблемот на лош кариерен избор, што всушност е и нивната мотивација за учење нови вештини. Во основата на овој проблем е недоволно посветеното време при првичниот избор на кариера. Токму затоа решивме да креираме алатка која ќе го адресира овој проблем, изјави Дарјан Раденковиќ, маркетинг директор на Бреинстер.

Од Бреинстер информираат дека дигиталната алатка од денеска е достапна за користење за сите млади луѓе и дека се надеваат дека ќе им помогне во изборот на кариера и ќе ги мотивира да посветат повеќе време на кариерно истражување и советување.

На денешната презентација беше појаснето дека платформата предвидува прашања за кандидатите кои се поделени во три дела. Во првиот се сместени 30 прашања поврзани со типот на личноста, каде што секој од кандидатите преку таканаречен мал квиз ќе открие во кој од 16-те типови на личност припаѓа. Вториот дел опфаќа прашања за афинитет кон одредени актуелни дигитални вештини, составени врз основа на искуството на Бреинстер, стекнато преку интервјуа и обука на околу 5000 млади лица во потрага по нова кариера. По одговарањето на овие прашања се добива персонализиран резултат со голем број податоци и информации кои можат да помогнат при кариерното насочување.

Според Раденковиќ, уште два важни аспекти на проблемот на лош избор на кариера се немањето релевантни извори за иднината на голем број на потенцијалните работни позиции, како и неможноста да се искуси од прва рака што значи да се работи во одредена професија. Тој вели дека Бреинстер веќе работи на адресирање и на овие два проблеми со следните алатки кои комапнијата ќе ги лансира.

– Просечната возраст на луѓето кои се решаваат на преквалификација, според нашата детална анализа е 29 години. Тоа значи дека во просек околу 7 години се на некој начин потрошени во погрешна кариерна насока, што многу влијае и на кариерниот развој, на квалитетот на животот на младата личност, но и на економијата генерално. Токму затоа, си земавме за задача да се обидеме да адресираме дел од овој проблем и да ги мотивираме и останатите чинители да ни се приклучат, рече Раденковиќ.

На брифингот беше потенцирано дека дигиталната алатка на Бреинстер има и англиска верзија која ќе може интернационално да се користи и да помогне при увид на младите во изборот на кариера. Таа е првенствено наменета за австрискиот пазер, каде Бреинстер од оваа година започна со првите обуки наменети за интернационалниот пазар.

Share
Scroll to Top