Распишани јавни повици за давање под закуп земјоделско земјиште до три хектари во 34 региони

Распишани јавни повици за давање под закуп земјоделско земјиште до три хектари во 34 региони

пред 10 месеци

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека се распишани четири јавни повици за давање под закуп земјоделско земјиште до три хектари во 34 региони во 878 катастарски општини.

Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост се: подигање долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии, за период до 30 години, подигање долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање маслинарници за период до 50 години, одгледување други земјоделски култури и за поставување пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за одгледување брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште на над 700 метри надморска висина за периодот до 30 години и рибници до 20 години.

Како што соопшти Министерството, преку четирите повици се опфаќа земјоделското земјиште во сите села низ државата, односно опфатени се површини вон градско подрачје. Право на учество имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица, а рокот за поднесување апликации е 30 дена од денот на распишувањето на јавните повици.

Јавниот повик бр.01/23 опфаќа 11 региони (Гостивар, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Кисела Вода и Чаир), со објавени 246 катастарски општини. Кај вториот Јавен повик бр.02/23 опфатени се 10 региони (Берово, Пехчево, Битола, Македонски Брод, Валандово, Виница, Гевгелија, Прилеп, Штип и Велес), со објавени 206 катастарски општини. Јавениот повик бр.03/23 опфаќа 13 региони (Делчево, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Крушево, Кратово, Кавадарци, Росоман, Неготино, Струмица, Пробиштип, Радовиш и Гази Баба), со објавени 344 катастарски општини. Кај четвртиот Јавен повик бр.04/23 опфатени се 7 региони (Кавадарци, Росоман, Неготино, Валандово, Делчево, Виница и Гевгелија), со објавени 82 катастарски општини. Овој јавен повик се однесува за доделување на земјоделско земјиште на кое веќе има подигнато долгогодишен насад и на кое можат да аплицираат сопствениците на тој насад со цел да го регулираат правото на користење на тоа земјиште.

„Нашата цел сите овие години е секоја обработлива земјоделска површина да ја ставиме на располагање на земјоделците и во функција на производство на храна. Тоа го потврдуваат резултатите од претходните години. Лани преку повеќе огласи на располагање ставивме нови 6 406 хектари обработливо земјоделско земјиште, а во 2022 година над 14 000 хектари земјоделско земјиште за обработка на житни култури, подигнување долгогодишни насади и производство на сточна храна. Земјоделското земјиште денес преку транспарентна постапка, а не преку непосредни спогодби, завршува во рацете на вистинските земјоделци за производство на домашна храна“, наведува МЗШВ.

Заинтересираните земјоделци повеќе информации за повиците можат да прoчитаат на веб страницата на МЗШВ.

Текстот Распишани јавни повици за давање под закуп земјоделско земјиште до три хектари во 34 региони е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top