Гордана Димитриеска Кочовска нема никаков кредибилитет да зборува за економија и одговорно работење, кога токму таа додека беше дополнителен заменик министер за финансии кочеше заем од Светска Банка за опремување на ковид-центри, реагираат од СДСМ за прес-конференцијата која денеска ја одржа претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ може да се обидува да ги лаже и манипулира граѓаните, но факт е дека последната еврообврзница има каматна стапка од 1,625%, а ќе се искористи за враќање на еврообврзницата, издадена во време на ВМРО-ДПМНЕ со каматна стапка од 3,975%“, стои во партиската реакција.
Од СДСМ додаваат дека доколку се направи споредба со еврообврзницата од 2014 година, која била издадена со стапка од речиси 4%, по основ на камата ќе се заштедат 82,25 милиони евра.
„Емитуваната еврообврзница е најевтина досега, со историски најниска каматна стапка од 1,625%, или неколкукратно пониска во однос на сите претходно издадени еврообврзници“, посочуваат од владејачката партија додавајќи дека ова е резултат на растот на довербата на меѓународните инвеститори во нашата економија и нејзините перспективи.