„Тесла“ повлекува речиси 600.000 автомобили

пред 3 години

Компанијата „Tесла“ повлекува околу 579.000 автомобили поради проблеми со функцијата Boombox, јави агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Имено, се покажало дека дел од автомобилите преку оваа функција може да емитуваат звуци на надворешните звучници и на тој начин да ги „скријат“ звучните предупредувања до пешаците во сообраќајот.

Ова е четврто најавено повлекување на возила на „Тесла“ во последните две недели. Информациите доаѓаат во време кога американските регулатори ја зајакнуваат контролата над компанијата која е најголемиот производител на електрични автомобили во САД.

Имено, Националната администрација за безбедност на патиштата (NHTSA) на својата веб-страница денеска објави дека автомобилите на „Тесла“ со вградена функција Boombox, која им овозможува на возачите да емитуваат звуци додека возилото се движи, ги прекршуваат федералните безбедносни стандарди кои бараат електричните автомобили, кои се речиси безшумни при возење, да емитуваат звуци за предупредување за пешаците.

Регулаторната агенција најави дека проблемот ќе се реши со ажурирање на софтверот што ќе ја оневозможи функцијата Boombox во моменти кога автомобилот се движи.

Агенцијата АП јави дека повлекувањето се однесува на дел од автомобилите на „Тесла“ – Model X, S и Y, произведени од 2020 до 2022 година, но и дел од Model S произведени во периодот од 2017 до 2022 година. NHTSA наведува дека „Тесла“ не пријавила никакви судири или повреди поради овој проблем.

Share
Scroll to Top