Азески го презеде раководењето со Асоцијацијата на Балкански комори: За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит

Азески го презеде раководењето со Асоцијацијата на Балкански комори: За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит

пред 1 година

На седницата на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори (АБК) што се одржа на 13 декември во Солун, Грција беше потврден изборот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за претседател на Асоцијацијата во следната година.

Досегашниот претседател Јоанис Масутис, кој истовремено е и претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција и официјално му го предаде раководењето со Асоцијацијата, при што од негова страна беше истакнато дека потребата од соработка меѓу Коморите е голема зашто има влијание врз економиите од целиот регион.

Азески се заблагодари за можноста да придонесе за исполнување на зацртаните приоритети во заедничката агенда на АБК кои во 2024 година преку нашето претседателство ќе бидат клучни приоритети на земјите од регионот, се со цел создавање поголем економски раст. Тој го истакна значењето од реализација на инфраструктурните проекти и поддршката која што државите, но и меѓународните финансиски институции треба да ја дадат за напредок на целиот регион.

Извозот, инвестициите и инфраструктурата ќе бидат ставени во фокусот за време на претседателството од страна на Стопанската комора на Северна Македонија.

„За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит. И како лидер на Стопанската комора мојата цел е да го подигнам регионот на ново рамниште, со една мрежа која ја изградив низ годините. Балканот е прекрасно место, нема ниту тајфуни, ниту цунами, ниту циклони што значи дека кафезот е од злато, ама „биљбиљот“ внатре не чини. За нас извозот е излезното решение и треба да го дуплираме. Тој е алфа и омега на нашето постоење. Нашите компании работат одлично и со грчките и со албанските и со турските. Зошто тоа не го гледаат политичарите? Зошто не ги тргнат границите? Ние кои сме претставници на приватниот сектор, не не интересира политика. Пуштете нѐ да работиме“, истакна Азески на Генералното собрание на АБК во Солун.

На седницата се расправаше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот, вклучувајќи ги перспективите на Балканските земји да се приклучат на Европската Унија и Еврозоната, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.

На маргините на состанокот, претседателот Азески имаше одделни средби со претседателот на Унијата на Комори и стокови берзи на Турција, Рифат Хисарчиклиоглу, со Јоанис Масутис, претседател на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, како и со Цветан Симеонов, претседател на Стопанската комора на Бугарија.

АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое следната година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот.

Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на Комори и стокови берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.

Текстот Азески го презеде раководењето со Асоцијацијата на Балкански комори: За мене Балканот не е само регион, туку предизвик што го прифаќам со почит е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top