Горивата од ноќеска на полноќ ќе поскапат за 1 и за 1,5 денар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.
Со денешната одлука малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1 денар, додека малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,5 денар за литат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,020 денари за килограм.
Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 60,5 денари, на ЕУРОСУПЕР БС -98 62,5 денари, на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 53 денари, на масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 53 денари за литар, а на мазутот 28,501 денари за килограм.
„Одлуката за зголемување на нафтените деривати е резултат на растот на берзанските цени на суровата нафта и нафтените продукти. Растот на светските берзи на референтните цени на суровата нафта и нафтените деривати се должи поради неколку фактори и тоа: оптимизмот што ја предизвика информацијата за почеток на масовно вакцинирање, враќањето во нормала на индустрискиот сектор во Европа, што пак предизвикува зголемување на побарувачката, а од друга страна го имаме третиот фактор а тоа е недефинираната идна стратегија за производство кај земјите на ОПЕК и коалицијата, што резултира со намалување на залихите од сурова нафта од почетокот на пандемијата, “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,323%.