(Видео) Цветков: Додека власта си дели тендери, нема пари за поголема минимална плата

пред 2 часа

Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кое се однесуваше на минималната плата и дека, власта нема пари за нејзино зголемување, додека истовремено, како што рече, продолжува да си дели тендери.

„Во изминатиот период сме сведоци на континуиран раст на цените на основните животни производи. Храната поскапува, сметките растат, а инфлацијата директно го јаде и она малку што работниците го добиваат на крајот на месецот.

Во такви услови минималната плата не расте со исто темпо, туку заостанува, оставајќи илјадници семејства во постојана финансиска неизвесност.

Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од сè поголемиот раст на цените е огромен. Денес ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.

Инфлацијата од 4,1 проценти и вртоглавиот раст на цените го загрозуваат животниот стандард. Платите постојано стојат во место, а Владата упорно тврди дека нема финансиски простор за нивно зголемување.

Денес зборуваме за минималната плата како единствен приход за десетици илјади граѓани во оваа држава. Зборуваме за плата од која треба да се платат кирија или кредит, сметки за струја и греење, храна, лекови, училишни потреби и превоз.

И кога сето тоа ќе се собере, станува јасно дека минималната плата одамна не обезбедува ниту минимум достоинство“.

Постојано зборувате, додаде тој, за економски раст, за стабилни индикатори и за успешни политики, но прашањето, како што рече е, за кого е тој раст.

„Секако не е за работникот кој живее од минимална плата. За него секој нов месец е нова борба дали да купи храна или да плати сметки. Тоа, министре, не е економска стабилност, тоа е сиромаштија.

Потрошувачката кошница јасно покажува дека минималната плата не ги покрива ни основните потреби. Покрај тоа, вашето министерство, кое вие го водите, нема понудено јасен план како минималната плата ќе се усогласи со реалните трошоци за живот.

Почитувани, економијата не се мери во број на тендери, туку во квалитетот на животот на граѓаните, односно на работниците. А, денес квалитетот на животот на работниците е на самото дно.

Држава во која работник што работи полно работно време не може да живее од својата плата е држава која потфрлила во својата основна социјална функција“.

Според него, барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и 100 евра зголемување во останатите сектори, е оправдано и неопходно.

„Ние, како опозиција, целосно ги поддржуваме барањата на работниците и Сојузот на синдикатите. Секој работник заслужува достоинствена плата за живот.

Оттука и моето прашање до вас, министре:

Дали ќе поддржите суштинско зголемување на минималната плата, односно дали ќе го поддржите барањето на работниците и ќе ја зголемите минималната плата на 600 евра, како и 100 евра за останатите“, праша пратеникот.

Текстот (Видео) Цветков: Додека власта си дели тендери, нема пари за поголема минимална плата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top