По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Здружението на жени менаџери „Елит“ го искажа својот став за потребата од поголема застапеност на жените на раководни позиции и значењето на овој процес за економијата.
Претседателката на здружението, Ленка Угриновска, посочува дека прашањето за женското лидерство не е прашање на квоти, туку на економска рационалност.
„Сакам јасно да кажам, прашањето за повеќе жени на раководни позиции не е прашање на системско решение (квоти) од милост, туку прашање на економска рационалност“, вели Угриновска.
Според анализи за корпоративни структури, жените сочинуваат околу 19–29,5 проценти од членовите на управните и надзорните одбори на најголемите компании кои котираат на берзата во Македонија. Овој процент е под просекот на Европската Унија и значително под целта поставена од ЕУ од 40 проценти застапеност до 2026 година.
Истражувањата покажуваат и дека само околу 21,3 до 21,4 проценти од фирмите во Македонија имаат жени на врвни менаџерски позиции, додека во Европската Унија жените на менаџерски позиции се застапени со 35 проценти.
Во 2022 година Европската Унија ја усвои директивата „Women on Boards“ (ЕК) 2022/2381, со која се поставува цел најмалку 40 проценти од членовите на неизвршните одбори да бидат од помалку застапениот пол или 33 проценти од сите членови на одборите, вклучувајќи ги извршните и неизвршните позиции, да бидат жени.
„Ако сакаме модерна држава, европска економија и силен приватен сектор, време е жените да бидат таму каде што се носат одлуките“, наведува Угриновска.
Од здружението посочуваат дека поголемата застапеност на жените во управувањето со компаниите може да донесе поголем БДП потенцијал, подобра корпоративна култура и управување, поголема доверба од европските партнери и инвеститори, приближување кон европските стандарди и забрзување на евроинтегративниот процес.
„Кога ќе има повеќе жени на раководни позиции, нема да добијат само жените. Ќе добие целото општество. Ќе добие економијата. Ќе добие државата“, порачуваат од Здружението на жени менаџери „Елит“.
Текстот „Кога жените одлучуваат економијата расте“ – Здружението „Елит“ повика на повеќе жени на раководни позиции е превземен од МАКФАКС.





