„Партнерствата се клучни за праведна енергетска транзиција“ – Божиновска се обрати на Joint MDB Pavilion во рамките на COP29

„Партнерствата се клучни за праведна енергетска транзиција“ – Божиновска се обрати на Joint MDB Pavilion во рамките на COP29

пред 1 месец

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на панел-дискусија во рамки на „Joint MDB (Multilateral Development Banks) Pavilion“ на COP29 во Баку, посветена на важноста на платформите за климатска акција и мобилизацијата на финансии за енергетската транзиција.

Во своето обраќање, министерката ја истакна посветеноста на Македонија кон праведната енергетска транзиција преку JETIP (Платформата за праведна енергетска транзиција), која претставува основа за напуштање на јагленот и зголемување на обновливите извори на енергија.

„Амбицијата е јасна: развој на дополнителни 1 GW капацитети за обновлива енергија како дел од забрзаната транзиција кон зелена енергија. Оваа иницијатива не само што ќе ги намали емисиите на стакленички гасови, туку ќе отвори нови можности за локалните заедници и ќе ја постави Македонија како лидер во регионот.“, наведе министерката Божиновска.

Во своето излагање, министерката ги истакна клучните постигнувања во рамки на JETIP, како што се:

· Зајакнување на енергетската мрежа преку техничка помош и инвестиции, со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

· Подготовка за примена на механизам за договори за разлика (CfD), што ќе го стимулира учеството на приватниот сектор во обновливите извори на енергија.

Министерката истакна дека за успешна реализација на овие амбиции е неопходна координација и поддршка од меѓународните партнери.

„Праведната транзиција бара значителни финансиски вложувања. Македонија има потреба од значителна финансиска поддршка за да ги исполни овие барања без да ја загрози економската стабилност. Во тој контекст, посветеноста на меѓународната заедница е од клучно значење. Ги повикуваме нашите партнери да продолжат со финансиска помош, грантови и повластени финансиски средства, кои се неопходни за да обезбедиме праведна и одржлива транзиција. На оваа основа, ја изразуваме благодарноста за поддршката и посветеноста што меѓународната заедница ја обезбеди досега. Клучен предизвик е оваа транзиција да биде праведна и инклузивна, особено за заедниците кои традиционално зависат од рударството и термоелектраните на јаглен. Пристапот на Македонија е насочен кон давање поддршка за засегнатите работници и заедници, обезбедувајќи нови, одржливи можности и зачувување на социјалната стабилност.“ истакна Божиновска.

Успехот на JETIP зависи од координираната поддршка од меѓународните и регионалните партнери, вклучувајќи финансиски институции, технички советници и креатори на политики. Патот е амбициозен и предизвиците се неизбежни, истакна

Божиновска и додаде дека досегашниот напредок ја потврдува посветеноста на Македонија кон постигнување позелена и поправедна енергетска иднина.

„Преку здружени напори на владата, приватниот сектор и меѓународните партнери, уверена сум дека Македонија може да ги исполни своите цели и да стане пример за енергетска транзиција во регионот.“ кажа Божиновска во своето обраќање.

Настанот „Joint MDB Pavilion“ се фокусира на тоа како земјените платформи за климатска акција можат да обезбедат национална координација и меѓународна поддршка за спроведување на националните придонеси (NDCs) во периодот 2025-2035 година. На панелот беа дискутирани искуства од различни земји, како и улогата на меѓународните финансиски институции и приватниот сектор во обезбедување финансии за климатска акција.

Текстот „Партнерствата се клучни за праведна енергетска транзиција“ – Божиновска се обрати на Joint MDB Pavilion во рамките на COP29 е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top