Филипче: Ребалансот е признание за целосниот дебакл на економските политики на Мицкоски

Филипче: Ребалансот е признание за целосниот дебакл на економските политики на Мицкоски

пред 3 часа

Ребалансот на Буџетот е директно признание дека економските политики на Владата на Христијан Мицкоски доживеаја целосен неуспех и дека граѓаните ги очекува уште потежок период, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.

„Ребалансот на буџетот од една страна е практично признание за целокупниот дебакл на економските политики на премиерот Мицкоски, а од друга страна, повторно, не носи ништо добро за граѓаните. Туку најавува зголемување на дефицитот и долговите кои што ги враќаат следните генерации“, истакна Филипче.

Тој нагласи дека со ребалансот Владата само ги потврдува предупредувањата што СДСМ ги упатуваше изминатиот период.

„Практично се потврдува тоа што го говориме цело време, дека со Мицкоски и оваа група на власт нема ниту економски раст, нема поголеми плати, има само уназадување. До крајот на годината практично ниту еден граѓанин не може да очекува подобрување на животниот стандард, туку напротив – влошување. Едноставно, економијата тоне“, рече Филипче.

Додаде дека само шест месеци по усвојувањето на Буџетот, Владата признава дека ги промашила речиси сите клучни економски проекции.

„Буџетот беше претставуван како документ за фискална консолидација, стабилни јавни финансии и силен економски раст. Ништо од тоа не е остварено“, истакна Филипче.

Тој посочи дека Владата веќе ги намалува проекциите за економскиот раст, додека инфлацијата е речиси двојно повисока од ветената.

„Наместо ветениот економски раст од 3,8%, сега проекцијата се намалува на 3,5%. Реалноста е дека ниту ова нема да се оствари. Наместо ветена инфлација од 2,5%, граѓаните добија 4,5% инфлација. Значи, двојно зголемена инфлација. Повисоки цени, дополнителен удар врз семејните буџети“, нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ предупреди дека Владата, наместо фискална консолидација, го зголемува буџетскиот дефицит и отвора нов циклус на задолжување.

„Наместо ветената фискална консолидација, Владата го зголемува буџетскиот дефицит од 39,2 на 46,3 милијарди денари, односно на 4,1% од БДП, што е речиси 18% зголемување. Наместо помал долг, Владата отвора нов бран на задолжување, и домашно и странско“, рече Филипче.

Тој потенцираше дека јавниот долг достигнал 11 милијарди евра и за само две години е зголемен за 2,5 милијарди евра, без тие средства да бидат вложени во развојни проекти.

„Значи, да повторам, јавниот долг достигна 11 милијарди евра. Зголемен од оваа власт за само две години е за 2,5 милијарди евра. И тие пари не се вложени во капитални проекти. Со новиот дефицит од над 110 милиони евра значи дека се задолжени кој знае колку следни генерации. И ова е опасно и неодржливо задолжување, со кое Владата едноставно товарот го префрла врз идните генерации“, истакна Филипче.

Филипче оцени дека најзагрижувачки е што дополнителното задолжување не се користи за развој, туку за покривање на тековни расходи.

„Пари едноставно нема за ништо. Загрижува поголемиот дефицит, кој што не се користи за развој, туку за покривање на тековни расходи, а кои што се резултат на лошо планирање и управување со финансиите“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.

Текстот Филипче: Ребалансот е признание за целосниот дебакл на економските политики на Мицкоски е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top