Алиу: Првите термини се веќе резервирани и граѓаните имаат што да кажат, „Отворен кабинет“ стартува силно

Алиу: Првите термини се веќе резервирани и граѓаните имаат што да кажат, „Отворен кабинет“ стартува силно

пред 10 месеци

Министерот за здравство Азир Алиу ја претстави новата алатка „Отворен кабинет“, која, како што посочи, ќе овозможи директна комуникација меѓу граѓаните и Министерството – без бариери, без бирократија и со човечки пристап.

„Вистинската реформа почнува тогаш кога институцијата престанува да зборува сама со себе и почнува да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена“, изјави министерот Алиу, нагласувајќи дека новата алатка не е само веб-страница, туку целосна трансформација на односот институција – граѓанин.

Со „Отворен кабинет“, секој граѓанин ќе може директно да закаже средба со министерот секој петок, без никакви формални процедури.

„Првите 15 термини веќе се резервирани. Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам“, порача Алиу.

Според министерот, ова не е само нов сервис, туку јасна порака за визијата што Министерството ја има за здравствениот систем.

„Оваа иницијатива не е само услуга. Таа е став. Став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, што вклучува и реагира навреме“, рече Алиу.

Тој додаде дека граѓаните имаат право на пристапност, транспарентност и одговорност од својата институција.

„Здравство што комуницира, вклучува и реагира, не смее да биде само слоган. Тоа е јавна обврска. Обврска што јас како министер ја прифаќам со целосна одговорност и секојдневно ќе ја исполнувам со работа, отчетност и лично присуство“, изјави министерот.

Алиу посочи и дека приоритет е создавање здравствен систем што се води од податоци, анализа и реалните потреби на граѓаните, а не од политички притисоци или лични интереси.

„Сакаме систем што не се плаши од вистината, не се губи во бирократија и никогаш не го заборава човекот – како причина зашто постои самиот систем“, заклучи министерот.

Текстот Алиу: Првите термини се веќе резервирани и граѓаните имаат што да кажат, „Отворен кабинет“ стартува силно е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top