Сајкоски: Декларацијата за Гоце Делчев да биде точката на обединување на политичките партии во Собранието

пред 2 години

ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката група ќе достави до Собранието, Декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на големиот македонски син и водач на револуционерното дело, Гоце Делчев.

Како што изјави Ѓорѓија Сајкоски, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, оваа декларација треба да биде точката на обединување на политичките партии во македонското Собрание. Тој порача дека треба да покажеме обединетост околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија и идејата за самостојна Република Македонија.

„Тргнувајќи од одредбите на Уставот, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на „жртвите и посветеноста на предците во заложбите и борбата за создавање самостојна и суверена држава“, како и на „традицијата на Крушевската Република“. Обединети во намерата за натамошна афирмација на најшироко прифатените вредности за слобода, демократија и соработка помеѓу народите и државите. Свесни дека единствено преку достојно почитување, прославување и одбележување на дострелите на нашите предци во минатото, можеме дополнително да ги зајакнеме демократските темели на државата и на општеството. Приклучувајќи се кон обележувањето на значајните настани и истакнатите личности во 2022 година предлагаме декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев“, рече Сајкоски.

Тој ја повика државната компанија за поштенски услуги, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да издаде поштенска марка со која ќе се одбележи овој важен јубилеј за македонската држава. Опозиската партија ги повика и Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да организираат соодветни настани и да реализираат соодветни проекти со кои ќе се одбележи 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Акцентирајќи го длабоко моралниот карактер на ставовите на Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот, го повикуваме Министерството за образование и наука во текот на 2022 година, во согласност со своите надлежности да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на оваа личност од македонската историја. Согледувајќи ја потребата од постојано препрочитување на најважните поглавја од животниот пат на Делчев, се задолжува Националната установа Музеј на македонската борба, во рамките на своите надлежности и можности, во текот на 2022 година да спроведе соодветни активности и да реализира соодветни проекти со кои ќе се зацврсти споменот на граѓаните за ликот и делото на оваа важна историска личност“, порача Сајкоски од името на ВМРО-ДПМНЕ.

Декларацијата ќе се достави до Владата, Институтот за национална историја, Македонската академија на науките и уметностите и до Националната установа Музеј на македонската борба.

Share
Scroll to Top