Андоновски: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин

Андоновски: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин

пред 4 часа

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Кочани порача дека дигиталната трансформација мора да се спроведува рамномерно и да стигне до секоја општина и до секој граѓанин, преку конкретни и практични проекти што директно го подобруваат секојдневието.

На промотивниот настан за иницијативата WiFi4WB – WiFi за Западен Балкан, министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.

„Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес со поддршка од нашите пријатели тоа го претвараме во дела. Она што го ветивме – како и многу пати досега – го испорачуваме. Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен Wi-Fi во 64 општини низ државата. Тоа значи бесплатен интернет пристап во јавни простори – плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции – каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност£.

Министерот посочи дека ваквите проекти се дел од пошироката заложба на институциите дигиталните услуги и можности да бидат подеднакво достапни, без разлика дали граѓаните живеат во Скопје или во помалите општини.

Во рамки на настанот се обратија и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, претставници на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Македонски Телеком. Беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ГИЗ и Општина Кочани, по што следеше и официјално активирање на WiFi мрежата.

Андоновски најави дека наскоро Кочани ќе добие нов Центар за услуги и дека Министерството продолжува со активности и проекти што ќе ја забрзаат дигиталната трансформација на локално ниво, со фокус на реални придобивки за граѓаните и општините низ целата држава.

Текстот Андоновски: Дигиталната трансформација мора да стигне до секој граѓанин е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top