Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, преку видео врска учествуваше на состанокот на министри за економија на земјите кои се дел од Берлинскиот процес.
„Ние сме Европа. Сите земји од иницијативата Западен Балкан 6 (Берлински процес) се Европа и јас силно верувам дека ако одиме заедно ќе одиме посилно и побрзо. И додека работиме кон заеднички регионален пазар, правиме чекор напред кон единствениот пазар на ЕУ што ќе ја зајакне нашата економска интеграција. Во таа насока на состанокот на Управниот одбор на Западен Балкан 6 – Форум за комори за инвестиции, ја презедов иницијативата за создавање на единствени, кохерентни политики за привлекување на странските директни инвестиции за сите сите земји, но исто така, создавање силен регионален синџир на вредности. Тоа ќе ја подобри нашата конкурентност многу повеќе отколку што може да направи секој од нас – индивидуално. Регионална конкурентност во однос на регионалната конкуренција. Ова, верувам дека е нашата иднина“, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот во своето обраќање потсети дека на минатогодишниот самит кој се одржа во Софија, земјите од Западен Балкан го прифатија предизвикот да се направат пресвртниците на Зелената агенда за Западен Балкан како уште една алатка за регионот, за да се приклучи на европските напори обликувани во политиките на Европскиот зелен договор. Овие политики, како што рече Битиќи, се наменети за модерни општества, создаваат економско-ефикасни и конкурентни економии каде што растот се раздвојува од емисиите на стакленички гасови, се користи ефективна употреба на ресурси и правилно се менаџира со отпадот и се прават прилагодувања кон климатските промени.
Вицепремиерот информираше дека Владата на Република Северна Македонија започна со креирање на првата Национална стратегија за развој 2021 – 2041 година. Во овој стратешки документ за развој на нашата земја како што информира Битиќи, во следните дваесет години ќе бидат вметнати Европските зелени политики како составен дел на целокупната стратегија.
Тој додаде дека на почетокот на јуни, Владата усвои Интервентен план за инвестиции, вреден 8,7 милијарди евра, каде значителен износ од 3,1 милијарди евра, или речиси 40%, е наменет за инвестиции – и јавни и приватни, во енергетскиот сектор.
„Ова, во комбинација со ревидираната индустриска стратегија со фокус на секторот производство за периодот 2018 – 2027 година, ќе ги направи реални целите поставени од Република Северна Македонија. Индустриската стратегија ги поставува приоритетите во индустриската политика, почнувајќи од зајакнување на темелите на производството преку зголемување на производствената продуктивност, иновации и трансфер на технологија или трансформирање на индустријата кон зелената индустрија, сите базирани на сектор за производство ориентиран кон знаење и учење. Нашата индустриска стратегија е усогласена со европската визија за нашето општество преку развој на производствениот сектор, зазеленување на производството, дозволување нови инвестиции и поврзување на СДИ со локалните производители за нивно вклучување во меѓународни/регионални синџири на вредности и многу повеќе. Нашата земја е исто така во завршна фаза на усвојување на Стратегијата за паметна специјализација за одржлив економски раст. И, како што можете да видите, мојата земја е посветена на постигнување на европски вредности и стандарди и работиме со полна сила, бидејќи веруваме дека припаѓаме во европското семејство“, потенцираше Битиќи на денешниот состанок на економски министри од земјите на Западен Балкан.