Бочварски: Со граѓаните на Сопотница најдовме решение, патот ќе го реконструираме пролетва

пред 3 години

Најоштетената делница од 12 километри на регионалниот пат Демир Хисар – Другово ќе се реконструира оваа пролет, се со цел да им се излезе во пресрет на жителите на населеното место Сопотница – демирхисарско. Ова беше договорено на средбата со месните заедници од ова населено место и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми и директорот на ЈП за одржување на регионалните и магистрални патишта, Костадин Ацевски.

На средбата министерот Бочварски најави итна реконструкција на најоштетените делови од регионалниот пат за да се подобри безбедноста на овој патен правец што беше и едно од главните барања на жителите од овој регион.

Реконструкцијата ќе се изврши преку ЈП за одржување на регионалните и магистралните патишта.

„Дојдов тука да се сретнам со вас, заедно со директорите на јавните претпријатија и јавно да ви ветам дека оваа пролет ќе ги реконструираме најоштетените 12 километри од регионалниот пат Демир Хисар – Другово, што и е едно од вашите барања. Утрово имавме координација и изнајдовме средства за реконструкција на овој патен правец со што верувам дека ќе ја подобриме безбедноста на патот. Бидете сигурни дека повторно ќе дојдеме со директорите овде и лично ќе се уверите дека ова што го зборуваме за реконструкција на патот ќе се реализира со отворање на асфалтните бази“, се обрати Бочварски пред присутните жители од населеното место Сопотница.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, истакна дека во завршна фаза е изработката на проектот за реконструкција на целиот патен правец од Демир Хисар до Другово во должина од 42 километри.

Истиот ќе се реконструира следната година откако ќе се завршат сите јавни постапки.

Директор на ЈП за одржување на регионалните и магистрални патишта, Костадин Ацевски, пред присутните потенцираше дека реконструкцијата ќе ја врши јавното претпријатие со започнување на работа на асфалтните бази.

Share
Scroll to Top