„Ова е пирова победа на режимот. Јас како претседател на Левица ќе упатам честитки само до кандидатите во Кичево и во Брвеница. Тоа значи дека нашата македонска платформа дава резултати доколку се обединиме. За разлика од нив сетете се што и направија на Јована во Струга“, кажа Димитар Апасиев вечерва на прес-конференција.
„Ако треба да опишам во еден збор како помина вториот круг, тоа е ВМРО стагнира, Левица дуплира. Од првиот круг, Орце од Драчево има освоено плус 3 и пол илјади гласа што е само три посто зголемување, а Амар од Чаир има освоено плус 30 илјади и 500 гласа. Ова покажува дека опозициските тенденции се престројуваат позади Левица“, рече Апасиев.
„Од втора партија на ниво на цело Скопје, вечерва обзнанувам дека сме прва партија, пред ВМРО-ДПМНЕ, во Центар, во Карпош и во урбаниот дел од Аеродром. По којзнае кој пат балистичко-врховистичката коалиција потфрли и Вреди ги зафркна ДПМНЕ насекаде кадешто очекуваа нивни гласови. За возврат на кусогледоста на Мицкоски, курбан отиде Западна Македонија, патриоти продолжете да си го гласате Мицкоски“, додаде Апасиев.
„Во поглед на неопределените ќе кажам дека 66 проценти од нив не излегоа на гласање. Тоа е многу неинтелегентно решение со ваков изборен модел. Или да објасниме пластично, две третини од скопјаните не гласаа, една третина гласаа. Од тие една третина, само една петина одлучија за сите нас. Дваесет проценти ВМРО-вци ќе ви ја стават чизмата во наредните четири години. Апелиравме дека неизлегувањето е неинтелегентно решение и тоа се покажа во пракса. До гласачите на СДСМ – ве пуштија низ вода, ја предадоа Струмица и Карпош, предадени сте од корумпираното раководство, престројте се позади нашиот бајрак, да ги победиме ДПМНЕ на наредни парламентарни избори“, кажа Апасиев.
Тој истакна дека Амар е новото лице на Левица.
„Амар од обичен левичарски воин вечерва стана специјалец, борбата продолжува“, додаде Апасиев.
Текстот (Видео) Апасиев: ВМРО стагнира, Левица дуплира е превземен од МАКФАКС.





