По повеќемесечна оперативна соработка и меѓународна полициска истрага насочена кон организирана криминална група составена од македонски и бугарски државјани, во заедничка акција на македонската и бугарската полиција и во координација на SELEC (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа), вчера во Софија е откриена импровизирана нелегална лабораторија за производство на синтетички дроги.
Притоа, од слобода се лишени четири лица, од кои двајца македонски државјани.
Како што информираат од МВР, кај лицата биле пронајдени и запленети повеќе килограми амфетамин и други видови на хемиски супстанци и прекурсори.
Истовремено, на македонска територија, при претрес на дом, пронајдени и одземени се бела прашеста материја и други хемиски супстанци во прашеста и течна состојба.